Кристијано Роналдо е подготвен за максимален напор на мундијалот во Бразил, ноќеска против Република Ирска покажа дека нема ни трага од повредата што го мачеше пред СП, а неговата Португалија со петарда против Република Ирска ги потврди амбициите за висок пласман. Европските Бразилци во Њу Џерси со 5-1 го декласираа противникот во последниот подготвителен меч пред стартот на шампионатот во Бразил.
Уго Алмеида со два гола во првиот дел ги разреши дилемите околу победникот, а по 45 минути игра беше 3-0 за Португалија, по автоголот на Киох. На стартот на вториот дел Меклин го постигна единствениот погодок за Ирците, а Вјериња и Коентрао со прецизни удари во финишот од мечот се погрижија за насмевки на лицата на Португалците и триумф од 5-1.
Првиот меч за нив на СП е дерби пресметката со Германија на 16 јуни во Салвадор. Со овие две селекции во Г групата се и Гана и САД.

