понеделник, 6 јануари 2025 | Вести: 0

Oва се финалистите на Светското првенство

Група на германски научници врз основа на истражување дојдоа до резултат дека Германија и Шпанија ќе играат во финалето на Светското првенство во фудбал во Бразил.

До овој заклучок професорите од Слободниот универзитет во Берлин, Универзитетот во Гетинг, Техничкиот универзитет во Берлин и Германскиот институт за економски истражувања, дошле врз основа на споредување на „пазарната вредност на играчите“ во репрезентациите кои учествуваат на СП.

Притоа, ја собирале „пазарната вредност на секој одделен играч“ и врз основа на тие вредности ги анализирале можните исходи на сите натпревари по групи, како и одлучувачките натпревари во четвртфинале, полуфинале и финале.

Така дошле до заклучок дека Шпанија, чии играчи на пазарот „вредат“ 631 милион и Германија, чии играчи „вредат“ 562 милиони евра, располагаат со најголем потенцијал, кој ќе им овозможи да стасаат до завршницата на натпреварувањето.

Врз основа на овие критериуми, германските научници пресметале дека од Група А натаму ќе се пласираат Бразил со пазарна вредност од 468 милиони евра и Хрватска со 193 милиони евра. Од Група Б, освен Шпанија, ќе мине и Холандија (208 милиони), додека од Група Ц ќе одат натаму Колумбија (190 милиони) и Брегот на Слоновата коска (122 милиони). Од Група
Д во осминафинале ќе одат Англија (334 милиони) и Италија (323 милиони), од Група Е Франција (412 милиони) и Швајцарија (178 милиони). Научниците пресметаа дека од Група Ф ќе продолжат Аргентина (392 милиони) и Босна и Херцеговина (114 милиони евра). Покрај Германија, од Група Г ќе мине Португалија (297 милиони), додека во Група Х најдобро пласирани ќе бидат Белгија (349 милиони) и Русија (184 милиони евра).

Според оваа пресметка, во четвртфинале, полуфинале и финале ќе дојдат оние репрезентации чија пазарна вредност е поголема од онаа на противникот.

По групната фаза, во која се сретнуваат репрезентации чија „пазарна вредност“ е голема, љубителите на фудбалот ќе можат да уживаат во порамноправни и понапнати натпревари, слично како и на првенството во Германија 2006 година, потенцираат научниците.

Според оваа прогноза, главни фаворити на ова СП се Бразил, Шпанија и Германија. Според методот на мерење на пазарна вредност, германските научници од 2006 година успеаа точно да ги предвидат победниците од сите значајни фудбалски натпреварувања.

Во соопштението по повод објавувањето на прогнозата, се наведува дека принципот на користење на методот е едноставен. Бидејќи, од кога се укинати рестриктивните клаузули за странските играчи, се формираше „глобален пазар на играчи“, а фудбалерите станаа „стока“ со која се тргува ширум светот.

Top