Неполна една седмица има до почетокот на Светското фудбалско првенство во Бразил, каде за трофејот битка ќе бијат 32 репрезентации. Секоја со свои адути, надежи и квалитети, селекциите од пет различни континенти го сонуваат вредниот пехар.
Ќе има вкупно 64 натпревари, фаворитите посакуваат мирна пловидба до завршницата и разврската за шампионската круна, аутсајдерите се надеваат на подвизи, на сензационални резултати. Такви низ историјата на мундијалите имало многу, а ние решивме да одбереме пет од нив. Секој на свој начин шокантен и неочекуван, за радост на фудбалски послабите против гигантите. Натпревари во кои Давид го победи Голијат, изненадувања што силно одекнаа во светот на фудбалот и сѐ уште се паметат и се пишува за нив.

Гиџија ја замолкна Маракана и бучните 200.000 Бразилци
Бразил по вторпат ќе биде домаќин на Светските првенства, а кариоките воопшто и не сакаат да се потсетуваат на првиот Куп што го организираа во 1950 година. Стигнаа до финалето и пред рекордни 200.000 гледачи на легендарната „Маракана“ беа апсолутни фаворити за титулата против Уругвај. Според тогашните стандарди, на стадионите немаше столчиња на сите трибини, па на „Маракана“ вриеше како во кошничка. Бразилците знаат да направата пеколна атмосфера, децибелите од бучавата што ја создаваат 200.000 грла, веројатно, и не се мери, но на крајот резултатот беше шокантен за домаќините. Начинот на кој Уругвај дојде до победа од 2-1 е уште пошокантен, особено за земја во која фудбалот е стил на живот, невидена страст и секојдневие за милиони луѓе. За тоа не се грижеше Алсидес Гиџија, легендарниот уругвајски фудбалски херој, кој со гол во 87. минута ги шокира домаќините. Уругвај и Бразил имаат огромно фудбалско и спортско ривалство, па затоа поразот во вакво сценарио, со гол на три минути до крајот на мечот, им падна тешко на кариоките. Гиџија е единствениот што е жив од сите членови на двете тогашни репрезентации. Во Уругвај е на ниво на жива легенда, тој го постигна највредниот гол во историјата на популарните „уруси“ и тоа во Јужна Америка не се заборава. Сѐ уште го памети финалниот меч, кој тогаш доби епитет „мараканацо“, а вели дека не памети таков молк.
– За нас Уругвајците тоа беше величенствен молк на Маракана. Беше тивко, а имаше 200.000 Бразилци. Можете да си замислите како изгледа тоа – изјави Гиџија. За Уругвај тоа беше вториот и последен шампионски трофеј од мундијалите, а Бразилците брзо се рехабилитираа од шокот на „Маракана“ и сега се најтрофејна нација на планетата со пет круни.

Мијач на садови од САД го урна гордиот Албион
Џо Гатџанс, по професија мијач на садови во ресторан во САД, во слободно време фудбалер со аматерски статус, ја урна големата Англија и ја елиминира уште во фазата по групи на истиот мундијал, во 1950 година. Американците имаа состав од фудбалери што не беа професионалци, а гордиот Албион селекција што газеше сѐ пред себе во тоа време. Англија беше во кругот на најсериозни кандидати за титулата, имаа само четири порази во 30 натпревари пред мундијалот, но потклекнаа каде што најмалку се надеваа. САД победија со 1-0, со голот на Гатџанс, а за шокантниот резултат во битката на аматерите од Америка и на професионалците од Англија вина има и стручниот штаб на фаворизираната селекција. Селекторот ја изостави тогашната голема светска ѕвезда Стенли Метјуз од составот одморајќи го за следните искушенија, а се покажа дека такви веќе ќе нема во Бразил бидејќи Англија беше елиминирана. Натпреварот влезе во историјата на фудбалот, а Американците се погрижија да не се заборави и снимија и филм насловен „Магичната игра“. За овој натпревар има и книга.

Историја за Северна Кореја, елиминација на фаворитот Италија
Огромна сензација во фазата по групи се случи и на Светското првенство во Англија во 1966 година, а ја направија репрезентативците на Северна Кореја против апсолутниот фаворит Италија. За играчите од Азија фудбалскиот свет знаеше многу малку. Земјата беше речиси херметички затворена и уредена според сталинистичкиот систем на комунизам. Но, во Англија покажаа дека знаат да играат фудбал и станаа првата селекција надвор од европскиот и американскиот континент што ја поминала фазата по групи. Клучниот меч и историска победа за Северна Кореја беше против Италија. Пак До Ик го постигна победоносниот гол против моќните „аѕури“ со многу ѕвезди во тимот, предводени од Ривера и од Булгарели.
– Тогаш сфативме колку е фудбалот популарен и колку има моќ да ги спријателува луѓето. Имаше и огромно влијание во подобрување на дипломатските односи на мојата земја – изјави Пак До Ик при враќањето во Мидлсбро, град каде што Северна Кореја на сензационален начин ја победи и елиминира моќната Италија. Стрелецот на голот беше гостин во североисточна Англија во 2002 година, а по осум лета Северна Кореја, по пауза од цели 44 години, повторно играше на Светско првенство. Претходно Мароко на мундијалот во 1986 година го повтори подвигот на играчите од Азија и стана втората селекција надвор од Европа и од Америка што се пласирала во втората рунда. Во 1966 година Северна Кореја дотурка до четвртфиналето, каде што загуби од Португалија со 3-5. Легендарниот Еузебио им ја наполни мрежата со четири гола, но овој мундијал засекогаш ќе остане во меморијата на Севернокорејците. Англиската „Би-Би-Си“ сними и документарен филм за фудбалскиот подвиг на Азијците под работен наслов „Животна игра“.

Камерунците не јадат мајмуни, туку победуваат фаворити
Аргентина беше актуелен светски првак и допатува да ја брани титулата во Италија во 1990 година. Со еден од најдобрите фудбалери во историјата на играта, Диего Армандо Марадона. Асот беше на своја територија, во земјата каде што стана бог на фудбалот, а имаше закажан меч на „Сан Сиро“ на премиерата од мундијалот во Италија. Противник беше Камерун, селекција што тогаш беше во подем, но и апсолутен аутсајдер против Аргентина.
Но, фаворитите на СП се само на хартија, до почетокот на мечот, а доказ за тоа беше сензационалната победа на „нескротливите лавови“ против Аргентина со 1-0. Стрелец беше Франсоа Омар Бијик и за да биде уште пошокантно, Камерун поведе со десетмина на теренот, по исклучувањето на Андре Кана Бијик по еден час игра. Во финишот аутсајдерот имаше само деветмина играчи на теренот, но издржа за историска победа на африканска селекција на мундијалите. Камерун ја мина групата заедно со Аргентина и испадна во четвртфиналето, што беше успех за паметење на најсиромашниот континент. Интересна изјава даде стрелецот на голот, кој ги шокира Аргентина и фудбалските познавачи, Омар Бијик.
– Мразам кога новинарите, особено тие од Европа, нѐ прашуваа дали, навистина, јадеме мајмуни и имаме врачеви, место доктори. Каде живеат тие. Дојдовме во Италија да играме фудбал и покажавме против Аргентина дека одлично умееме да играме со топка, рече Бијик по сензационалната победа над „гаучосите“.
Аргентина потоа се созеде од стартниот шок и се пласираше во финалето, но во Рим загуби со 0-1 од Германија. Камерун се прости од натпреварувањето во Неапол, во градот на Марадона, со пораз од 2-3 од Англија по продолженија, а нивниот успех беше голем дополнителен мотив за сериозен продор на африканските селекции на фудбалската мапа.

Германците ги налутија Алжирците и си заминаа поразени од Хихон
Против вас ќе играме со цигара в уста, препотентно изјавуваа дел од германските репрезентативци, со отровни стрели упатени кон Алжирците во Хихон. Првиот меч од групата на СП во Шпанија 1982 година требаше да биде само загревање за една од најтрофејните фудбалски нации, Германија, против Алжир, селекција што немаше значајни успеси на големите натпреварувања. Но, „пустинските лисици“ немаа намера да се предадат. Напротив со игра го декласираа фаворитот, а со головите на Маџер и на Белуми славеа голема победа од 2-1. Румениге го постигна погодокот за Германија, само за утеха.
Пред мечот беше арогантен и селекторот Јуп Дервал велејќи дека ќе си оди дома ако Германија загуби меч од кој било противник во групата. Подоцна се пишмани и остана, а „елфот“ по поразот од Алжир го декласира Чиле со 4-1 и во чуден меч со Австрија славеше со 1-0, точно колку што им требаше на двете селекции да минат понатаму и да го исфрлат Алжир од игра.
– Беа многу препотентни и дури нѐ провоцираа со изјави дека против нас ќе играат со цигара в уста. На крајот, на нечесен начин, во сомнителен меч минаа понатаму и нѐ елиминираа. Настрадаа против нас, но на крајот на нефер начин ние испаднавме од турнирот – изјави Рабах Маџер. Тој потоа стана вистинска ѕвезда во Европа, со шампионска титула од КЕШ со Порто, а и другите алжирски репрезентативци што настапија во Шпанија беа мошне атрактивни за големите клубови.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 91. број на неделникот „Република“, 30.06.2014)

