Учеството на Светското првенство на младиот англиски репрезентативец Алекс Окслејд – Чемберлен е ставено под знак прашалник, бидејќи вчера се повреди на пријателскиот натпревар против екипата на Еквадор.
Играчот на Арсенал го напушти натпреварот во 63. минута по дуелот со Карлос Груезо.
– Загрижени сме за Алекс Окслејд – Чемберлен, првите информации за повредата се дека може да има оштетување на лигаментите на десното колено – изјави селекторот Хоџсон.
Окслејд – Чемберлен веќе утре ќе замине на детални медицински прегледи за да се утврди нивото на неговата повреда, во пресрет на саботниот последен предмундијалски тест на Англија, против селекцијата на Хондурас.

