понеделник, 30 декември 2024 | Вести: 0

Најголемите сензации на мундијалите

Зоран Поповски

Неполни две седмици има до почетокот на Светското фудбалско првенство во Бразил, каде за трофејот битка ќе бијат 32 репрезентации. Секој со свои адути, надежи, квалитети селекциите од 5 различни континенти го сонуваат вредниот пехар.

Ќе има вкупно 64 натпревари, фаворитите посакуваат мирна пловидба до завршницата и разврската за шампионската круна, аутсајдерите се надеваат на подвизи, на сензационални резултати. Такви низ историјата на мундијалите имало многу, а ние одлучивме да одбереме пет од нив. Секој на свој начин шокантен и неочекуван, за радост на фудбалски послабите против гигантите. Натпревари во кои Давид го победи Голијат, изненадувања што силно оддекнаа во светот на фудбалот и се уште се паметат и се пишува за нив.

Гиџиа ја замолкна Маракана и бучните 200 илјади Бразилци

Бразил по вторпат ќе биде домаќин  на Светските првенства, а „кариоките“ воопшто и не сакаат да се потсетуваат на првиот Куп што го организираа во 1950 година. Стасаа до финалето и пред рекордни 200 илајди гледачи на легендарната „Маракана“ беа апсолутни фаворити за титулата против Уругвај.

Според тогашните стандарди на стадионите немаше столчиња на сите трибини, па на „Маракана“ вриеше како во кошничка. Бразилците знаат да направата пеколна атмосфера, децибелите од буката што ја создаваат 200 илјади грла веројатно и не се мери, но на крајот резултатот беше шокантен за домаќините. Начинот на кој Уругвај дојде до победа од 2-1 е уште пошокантен, особено за земја во која фудбалот е стил на живот, невидена страст и секојдневие за милиони луѓе. За тоа не се грижеше Алсидес Гиџиа, легендарниот уругвајски фудбалски херој и со гол во 87. минута ги шокира домаќините. Уругвај и Бразил имаат огромен фудбалски и спортски ривалитет, па затоа поразот во вакво сценарио, со гол на три минути до крајот на мечот им падна тешко на „кариоките“. Гиџиа е единствениот што е жив од сите членови на двете тогашни репрезентации. Во Уругвај е на рамниште на жива легенда, тој го постигна највредниот гол во историјата на популарните Уруси и тоа во Јужна Америка не се заборава. Се уште го памети финалниот меч, што тогаш доби епитет „Мараканацо“

„За нас Уругвајците тоа беше величенствен молк на Маракана. Беше тивко, а имаше 200 илјади Бразилци. Можете да си замислите како изгледа тоа“, изјави Гиџиа.

URUGUAYAN FORMER SOCCER PLAYER ALCIDES GHIGGIA WITH WORLD SOCCER CUP TROPHY

 

За Уругвај тоа беше вториот и последен шампионски трофеј од мундијалите, а Бразилците брзо се рехабилитираа од шокот на „Маракана“ и сега се најтрофејна нација на планетата со 5 круни.

Мијач на садови од САД го урна „Гордиот Албион“ 

Џо Гатџанс по професија мијачот на садови во ресторан во САД, во слободно време фудбалер со аматерски статус ја урна големата Англија и ја елиминира уште во фазата по групи на истиот мундијал, во 1950 година. Американците имаа состав од фудбалери што не беа професионалци, а „Гордиот Албион“ селекција што газеше се пред себе во тоа време.

Англија беше во кругот најзериозни кандидати за титулата, имаа само 4 порази во 30 натпревари пред мундијалот, но потклекнаа каде што најмалкус е надеваа. САД победи со 1-0, со голот на Гатџанс, а за шокантниот резултат во битката на аматерите од Америка и професионалците од Англија, вина има и стручниот штаб на фаворизираната селекција. Селекторот ја изостави тогашната голема светска ѕвезда Стенли Метјуз од составот, одморајќи го за следните искушенија, а испадна дека такви повеќе ќе нема во Бразил, бидејќи Англија беше елиминирана. Натпреварот влезе во историјата на фудбалот, а Американците се погрижија да не се заборави и снимија и филм насловен како „Магичната игра“. За овој натпревар има и книга.

Историја за Северна Кореа, елиминација за фаворитот Италија

Огромна сензација во фазата по групи се случи и на Светското првенство во Англија во 1966 година, а ја креираа репрезентативците на Северна Кореа против апсолутниот фаворит Италија. За играчите од Азија фудбалскиот свет многу малку знаеше. Земјата беше речиси херметички затворена и уредена според сталинистичкиот систем на комунизам. Но, во Англија покажаа дека знаат да играат фудбал и станаа првата селекција надвор од европскиот и американскиот континент, што ја минала фазата по групи. Клучен меч и историска победа за Северна Кореа беше против Италија.

korea

 

Пак До-Ик го постигна победоносниот гол против моќните „аѕури“ со многу ѕвезди во тимот предводени од Ривера и Булгарели.

„Тогаш сфативме колку фудбалот е популарен, и има моќ да ги спријателува луѓето. Имаше и огромно влијание во подобрување на дипломатските односи на мојата земја“, изјави До-Ик при враќањето во Мидлсбро, град каде Северна Кореа на сензационален начин ја победи и елиминира моќната Италија. Стрелецот на голот беше гостин во североисточна Англија во 2002 година, а по 8 лета Северна Кореа повторно по пауза од цели 44 години играше на Светско првенство.

Претходно Мароко на мундијалот во 1986 година го повтори подвигот на играчите од Азија и стана втората селекција надвор од Европа и Америка што се пласирала во втората рунда. Во 1966 година Северна Кореа дотурка до четвртфиналето, каде загуби од Португалија со 3-5. Легендарниот Еузебио им ја наполни мрежата со 4 гола, но овој мундијал засекогаш ќе остане во меморијата на Севернокорејците. Англиската „BBC“ сними и документарец за фудбалскиот подвиг на азијците под работен наслов „Животна игра“.

Камерунците не јадат мајмуни, туку победуваат фаворити

Аргентина е актуелен светски првак и допатува да ја брани титулата во Италија во 1990 година. Со еден од најдобрите фудбалери во историјата на играта, Диего Армандо Марадона. Асот е на своја територија, во земјата каде стана бог на фудбалот, а има закажан меч на „Сан Сиро“ на премиерата од мундијалот во Италија. Противник е Камерун, селекција што тогаш беше во подем, но и апсолутен аутсајдер против Аргентина.

Но, фаворитите на СП се само на хартија до почетокот на мечот, а доказ за тоа беше сензационалната победа на „нескротливите лавови“ против Аргентина со 1-0. Стрелец е Франсоа Омар Бијик и да биде уште пошокантно, Камерун поведе со десетмина на теренот, по исклучувањето на Андре Кана Бијик по еден час игра. Во финишот аутсајдерот имаше само деветмина играчи на теренот, но издржа за историска победа на африканска селекција на мундијалите. Камерун ја мина групата заедно со Аргентина и испадна во четвртфиналето, што беше успех за паметење на најсиромашниот континент. Интересна изјава даде стрелецот на голот што ја шокира Аргентина и фудбалските познавачи, Омар Бијик.

„Мразам кога новинарите, особено тие од Европа не прашуваа дали навистина јадеме мајмуни и имаме врачеви, наместо доктори. Каде живеат тие. Дојдовме во Италија да играме фудбал и покажавме против Аргентина дека одлично умееме да играме со топка“, рече Бијик по сензационалната победа над „гаучосите“.

bijik

Аргентина потоа се созеде од стартниот шок и се пласираше во финалето, но во Рим загуби со 0-1 од Германија. Камерун се прости од натпреварувањето во Неапол, во градот на Марадона, со пораз од 2-3 од Англија по продолженија, а нивниот успех беше голем дополнителен мотив за сериозен продор на африканските селекции на фудбалската мапа.

Германците ги налутија Алжирците и си заминаа поразени од Хихон

Против Вас ќе играме со цигари во уста, препотентно изјавуваа дел од германските репрезентативци, со отровни стрели упатени кон Алжирците во Хихон. Првиот меч од групата на СП во Шпанија 1982 година требаше да биде само загревање за една од најтрофејните фудбалски нации, Германија, против Алжир, селекција што нема значајни успеси на големите натпреварувања. Но, „пустинските лисици“ немаа намера да се предадат. Напротив со игра го декласираа фаворитот, а со головите на Маџер и на Белуми славеа голема победа од 2-1. Румениге го постигна погодокот за Германија, само за утеха.

alzir

Арогантен пред мечот беше и селекторот Јуп Дервал, велејќи дека ќе си оди дома ако Германија загуби меч од било кој противник во групата. Подоцна се пишмани и остана, а „елфот“ по поразот од Алжир го декласира Чиле со 4-1 и во чуден меч со Австрија славеше со 1-0, точно колку што им требаше на двете селекции да минат понатаму и да го исфрлат Алѓир од игра.

„Беа многу препотентни и дури не провоцираа со изјави дека против нас ќе играат со цигари во уста. На крајот на нечесен начин во сомнителен меч минаа понатаму и не елиминираа. Настрадаа против нас, но на крајот на нефер начин ние испаднавме од турнирот“, изјави Рабах Маџер. Тој потоа стана вистинска ѕвезда во Европа, со шампионска титула од КЕШ со Порто, а и останатите алжирски репрезентативци што настапија во Шпанија беа мошне атрактивни за големите клубови.

Top