| четврток, 6 декември 2018 |

Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова

Од нив научив што е микрофон, камера, студио, што значи да имаш партнер. Посакувам денешните автори да добијат можност да работат со децата, затоа што децата се тие коишто ќе ја одржат оваа држава. Младата публика преку театарот може да осознае големи вистини за животот, а тоа може да го стори токму Театарот за деца и младинци. Затоа и државата треба финансиски да го поддржи театарот, смета Џолева

В недела, во Театарот за деца и младинци (ТДМ) премиерно ќе биде прикажан првиот македонски мјузикл за деца „Земја во која не се стигнува“ според текст на Оливера Николова, а во режија на Виолета Џолева. Музиката за деца е компонирана од Александар Џамбазов, музички продуцент е Александар Митевски, кореограф е Кренаре Невзати, драматург на мјузиклот Маја Стефановиќ, а Дамир Имери е музички аранжер.
Ова е прв мјузикл за деца во кој играат, пејат, танцуваат петнаесетина деца одбрани на три аудиции, а во „Земја во која не се стигнува“ играат и тројца професионални актери, Драган Спасов Дац, Катарина Илиевска Силјановска и Мартин Јордановски.
По мјузиклот „Чија си“ кој Џолева го режираше, а се играше на сцената на Универзална сала во Скопје, ова е втор пат таа се впушта во режија на вакво комплексно дело, посебно што во него играат, пејат и танцуваат деца.
Во интервју за „Република“ Џолева објаснува дека овој мјузикл таа го работи со два големи предизвици.
Постојано зборуваме и се докажуваме од кога постои македонскиот народ, ја докажуваме нашата традиција, идентитет, јазик, а во суштина е многу лесно. Вратете се само 55 години наназад и ќе видите колку ние сме биле сериозни творци, автори. Нашите дела излегувале во Европа, а сега Европа ја викаме Хрватска и Словенија, а ние тогаш таму сме добивале награди на фестивалите. Значи ниту сме поглупави, ниту сме помалку способни од сите тие кои се сега Европа, а ние како божем не сме, што едноставно мјузиклот е воскрснување, обновување на нашата традиција. Ние врз основа на нашата традиција треба да градиме и да продолжиме да го правиме она што знаеме да го работиме. Традицијата не почнува од нас, туку од нашите предци и тоа треба да го надградиме. На кој начин ќе зборувам јас за мојот идентитет, ако не на овој, како уметник? Втората причина е што со мјузиклот сакам да им се заблагодарам токму на тие луѓе кои влијаеле врз моето детство и врз создавањето на мојата личност – вели Џолева во интервју за „Република“.

На деветти декември, во Театарот за деца и младинци е закажана премиерата на првиот македонски мјузикл за деца „Земја во која не се стигнува“. Колку време ја носевте идејата за создавање на ова дело?
ЏОЛЕВА: Идејата да направам прв македонски мјузикл за деца во кој ќе играат, пеат и ќе глумат деца, ја носам одамна. Јас бев тоа дете кое пееше, глумеше и на некој начин танцуваше. Ги водев телевизиските емисии на МРТВ во времето кога Македонија беше дел од една поголема држава, Југославија. Тоа беше пред 55 години. Имам голем опус, благодарение на Андреј Бељан, кој беше музички илустратор во Радио Скопје. Имам сочувано едно ЦД со 33 песнички компонирани специјално за мене од Александар Џамбазов, кој јас ги пејам со ревискиот оркестар на тогашното Радио Скопје. Се емитуваа низ цела Југославија. Ние правевме една многу убава серија, која прво се емитуваше под името „Зоки Поки“, а потоа „Наша крстозборка“. На тие песнички пораснаа моите деца. Тие растеа слушајќи ги стиховите на Славко Јаневски, Оливера Николова. Зборовите се фантастични, а музиката, која е дело на Џамбазов, е посебно пишувана за нив. Се емитуваа секоја недела на програмата на Југословенската радио телевизија (ЈРТ). Секогаш мислев дека еден ден ќе дојде време кога веќе нема да ме интересираат други теми кои сакам да ги кажам преку театарот како режисер, туку ќе дојде време кога ќе се посветам на децата и ќе го обновам тоа богатство кое заслужува повторно да го добие својот сјај. За жал, во Македонија веќе не постојат музичари кои компонираат музика специјално за деца. Мал е бројот на авторите кои пишуваат стихови за деца. Николова, Србо Ивановски, Цане Андреевски, Васил Пујовски, Велко Неделковски…тоа беше богатство во кое јас живеев. Денес недостасуваат вакви автори. Оттаму и мојата идеја да направам мјузикл за деца, особено сега, во ова време, кога имав можност последните 4-5 години, заради моите внуци, да одам на Бродвеј и да гледам мјузикли за деца, освен овие другите, сериозните. Па си реков: Ние имаме многу талентирани деца во Македонија. Ако јас сум можела пред 55 години да го правам тоа, зошто сега не би го правеле некои други деца? Многу сум среќна што директорката на ТДМ Катерина Илиевска Силјановска имаше храброст да влезе во овој, така да кажам, експеримент и да го направиме првиот мјузикл за деца со деца, што е посебен предизвик!

Во креирањето на мјузиклот е собрана врвна авторска екипа. Покрај Вас, во тимот е и Оливера Николова (текст), музиката е на маестро Александар Џамбазов, аранжер е Дамир Имери, музички продуцент е Александар Митевски. Како ја собравте екипата?
ЏОЛЕВА: Лесно, бидејќи екипата е одлична. Сите се ‘налепија’ на идејата. Николова се одушеви од идејата, но Џамбазов на почетокот беше многу скептичен. Цело време ми велеше: ти си преголем ентузијаст, не постојат веќе хорови за деца во Македонија, училиштата не негуваат хорска музика, каде ќе ги најдеш ти тие деца? Мене ми е многу драго што тој, кога ќе дојде на премиерата, ќе види дека ние успеавме, преку аудиција, на која се пријавија преку 130 деца, да одбереме пет извонредни момчиња.
Ова се дел од соработниците со кои јас сум работела и порано. Добро се познаваме и лесно се разбираме. Со драматургот Маја Стефановиќ сум соработувала во повеќе проекти. Дамир Имери е единствениот човек кој може да направи нови матрици врз матриците на Џамбазов од пред 55 години. Тој ги направи совршено. Александар Митевски во своето студио прави чуда. Тој има голем влог во освежување на песничките, во создавање на демо-снимките. Тој ги снимаше децата. Некои од нив првпат влегоа во студио и видоа што е микрофон, но пејат фантастично. Овие деца кои ги одбравме поминаа и краток курс за глума. Тука многу ни помогна Софија Гогова Врчаковска. Таа има многу големо искуство со детското драмско студио во радио и во телевизија. Кореографијата е на Кренаре Невзати, а костимите се на Елена Дончева. Немаше никаков проблем со екипата, имаше со парите.

„Земја во која не се стигнува“ е радио-драма која Оливера Николова ја напишала пред многу години. За што се говори во претставата?
ЏОЛЕВА: Во драмата на Николова пет момчиња поаѓаат од својата земја во некоја друга за да го најдат тоа што им недостига дома. Волшепството настанува кога тие ќе го пронајдат чичкото Се. Кога ќе прашаат кој е тој чичко Се, тој им вели: јас сум и лево и десно, и горе и доле. Имав голема среќа што во таа улога влезе Драган Спасов Дац, кој многу ги сака децата и тие го сакаат него. Тој на некој начин им помага да стигнат до пределите каде што се среќаваат со некакви посебни предизвици за да сфатат и да научат дека е дома можеби и подобро од таму некаде на друго место. Тоа многу соодветствува со денешната ситуација на младите кои ја напуштаат својата татковина во надеж за подобра иднина. Но, дома може да биде многу добро, само ако успееме да средиме некои работи.
Од една радио драма и една независна музика пишувана за сериите „Зоки Поки“ и „Наша крстозборка“ да се создаде мјузикл, што е нов жанр, тоа беше работа од пола година. Јас ја направив адапатацијата, а потоа драматругот Стефановиќ интервенираше во конструкцијата на реченицата и во некои ситуации кои сега не се актуелни за децата. Најинтересно е што музиката, што е пишувана пред 55 години, совршено се вклопува во приказната.

ТДМ организираше аудиција за децата кои учествуваат во мјузиклот. Колку деца играат во претставата и дали има и професионални актери?
ЏОЛЕВА: Освен Дац, во претставата игра и Катерина Илиевска Силјановска која игра неколку улоги и младиот и одличен актер од ТДМ Мартин Јордановски. Тој како дете кое се занимавал со жонглерство пред 15 години играл во мојот прв мјузикл „Чија си“. Освен децата актери, во „Земја во која не се стигнува“ има уште три девојчиња актерки и шест девојчиња кои пејат и имаат своја кореографија и уште пет момчиња. Мјузиклот значи го сочинуваат петнаесетина деца и тој првенствено беше замислен како спектакл и сакавме да го играме на некоја голема сцена, а не во ТДМ иако тоа е нивни проект. Но, не успеавме на време да обезбедиме простор, но се надевам дека во брзо време ќе успееме да се организираме, пред се финансиски, бидејќи добивме само половина од сумата која ја побаравме од Министерството за култура. Се надевам дека ќе успееме еден ден да го пренесеме на големата сцена и овој мјузикл да ‘светне’ во вистински сјај, со разни ефекти како што заслужува секој мјузикл. Тогаш не ќе мора да одите на Бродвеј, туку овде ќе уживате.
Дали ова ќе биде претстава која би им го задржала вниманието на вашите внуци, да речеме?
ЏОЛЕВА: Јас посакувам моите внуци да дојдат да го гледаат мјузиклот. Тие се далеку, во САД. Постарите двајца внуци ги знаат песничките и ги пејат, исто како што моите деца пораснаа на нив. Овој мјузикл јас го работам со два големи предизвици. Прво: постојано зборуваме и се докажуваме од кога постои македонскиот народ, ја докажуваме нашата традиција, идентитет, јазик, а во суштина е многу лесно. Вратете се само 55 години наназад и ќе видите колку ние сме биле сериозни творци, автори. Нашите дела излегувале во Европа, а сега Европа ја викаме Хрватска и Словенија, а ние тогаш таму сме добивале награди на фестивалите. Значи ниту сме поглупави, ниту сме помалку способни од сите тие кои се сега Европа, а ние како божем не сме, што едноставно мјузиклот е воскрснување, обновување на нашата традиција. Ние врз основа на нашата традиција треба да градиме и да продолжиме да го правиме она што знаеме да го работиме. Традицијата не почнува од нас, туку од нашите предци и тоа треба да го надградиме. На кој начин ќе зборувам јас за мојот идентитет, ако не на овој, како уметник? Втората причина е што со мјузиклот сакам да им се заблагодарам токму на тие луѓе кои влијаеле врз моето детство и врз создавањето на мојата личност. Тие ме определиле во животот да бидам режисер – Оливера Николова и Александар Џамбазов. Од нив научив што е микрофон, камера, студио, што значи да имаш партнер. Посакувам денешните автори да добијат можност да работат со децата, затоа што децата се тие коишто ќе ја одржат оваа држава. Младата публика преку театарот може да осознае големи вистини за животот, а тоа може да го стори токму Театарот за деца и младинци. Затоа и државата треба финансиски да го поддржи театарот.

Имате големо творечко искуство како режисер. Дел од Вашата богата кариера е во МРТВ. Може ли да направите споредба со она време и сега?
ЏОЛЕВА: Тоа ми е голема болка. Јас пораснав таму. Во Радио Скопје бев од осумгодишна возраст, од далечната 1959 година, кога Радиото беше кај Соборниот храм, а потоа се преселивме во Нерези. Соработував со прекрасна група деца кои потекнуваа од работнички семејства. Ние бевме вредни деца кои покрај училиштето доаѓавме да снимаме „Добро утро деца“, „Марко новинарко“, „Зоки Поки“… Во тоа време директор на МРТВ беше академик Матеја Матевски, потоа Димитар Солев, Србо Ивановски. Тоа беа луѓе кои и самите беа творци, знаеја што значи творештво. Правеа уметничка програма, продукција. Јас во револт си отидов од телевизијата пет години пред да се пензионирам. Во тоа време немав никаква задача. Бев супервизор режисер, ама немав задача што да работам. Јас не сум студирала режија за да снимам говорни дебатни емисии. Јас треба да правам играна програма, а таа престана да се работи. Во мојот режисерски опус имам направено 5.000 телевизиски емисии од најразличен жанр, но во времето кога МТВ имаше продукција. Благодарение на уредникот Хилда Кондовска направив 30 документарни телевизиски портрети на значајни луѓе, како Петре Прличко, Анте Поповски, Ацо Шопов. Тие луѓе можеби преку поезијата и нивните книги не можат да стигнат во секој дом, но кога навечер ќе седнете и ќе погледнете портрет за Шопов или Поповски, имате чувство како тој да ви дошол дома и како да сте правеле разговор со него. И денес, после 25 години ќе ги начекам на Собраниски канал, ги пуштаат, во недостаток на друга програма. Во меѓувреме други луѓе остареле, создале нешто и за нив треба да се направи портрет. Матевски за жал почина и не успеав да направам нешто за него, и многу ми е жал поради тоа. Затоа и го правам овој мјузикл за да им се заблагодарам на Николова и на Џамбазов што на една генерација, вклучително и мене влијае позитивно за да станеме, се надевам добри луѓе, ако ништо друго.

Како го доживувате театарот денес? Дали тој ја остварува својата функција?
ЏОЛЕВА: Театарот е жива материја и мора да го прати времето. Мислам дека македонскиот театар во моментов не оди паралелно со времето. Во секоја средина се негува посебен вид на театарска форма. Вистинскиот театар се случува во Европа. И тука има две школи – руската и германската. Ние сме некој микс и во моментов имитација на она што се случува во поголемите театарски центри. Мислам дека театарот во Македонија репертоарски лута и нема концепција во формирање на тоа што во текот на сезоната се истражува во театарот. Во принцип секаде националните театри и имаат ‘железен’ репертоар. Тоа значи кој е класик кај нас, тој треба да се игра. Ако во Англија е Шекспир, кај нас мора да се игра Чашуле. Ако во Хрватска се игра Крлежа, а во Србија Нушиќ, кај мора да се игра некоја драма од Петре М. Андреевски. Или, ако не постои, да се направи. Младите автори ретко се осмелуваат да поставуваат драмски дела од македонски автори. Оттаму, група драматурзи кои завршуваат на ФДУ, ретко пишуваат драми.

Неодамна почина драмскиот писател Горан Стефановски. Меѓу сите претстави кои сте ги режирале, е и „Хај-Фај“ со која освоивте три големи награди на фестивалот на професионални театари во Босна и Херцеговина. Неизбежно е прашањето за тоа колку е важно за режисерите да поставуваат дела на домашни автори?
ЏОЛЕВА: Многу е важно. Провокацијата мора да дојде од театрите. Затоа што театарот треба да соработува со ФДУ и да бара од нив барем еднаш годишно да постави една драма од нив. Една од петте премиери години мора да биде од современ автор. Другата мора да биде класик, ама исто така од македонски автори. Моите најдобри претстави, за едната имам добиено „Златен ловоров венец“ во Сараево, се работи на Самовилски народни песни кои се наоѓаат во Зборникот на Браќа Миладиновци. Своевремено, генијалниот Живко Чинго, како директор на Драмата ме викна и ми рече: Ајде види, од ова направи еден рецитал! Тогаш имав 25 години. Ги читам песните, а тие фантастични! Тие не се за рецитал, тие се за драма. Пак ќе се вратам на традицијата и на идентитетот. Треба да се пробуричка и во традицијата се ќе се најде. Младите драматурзи, режисери, да не ме сфатат погрешно, не треба да носат од страна, да прават имитации. Тргнете од она што го имаме од нашите предци, имаме голема историја, имаме приказни кои што се дел од животот. Не ни треба многу филозофија за да сфатиме кои сме и колку сме вредни.

Кои се вашите идни планови?

ЏОЛЕВА: Сакам да работам некои документарци поврзани токму со ова што го говорев. Имаме луѓе, кои за среќа се уште живи и кои заслужуваат нивната работа да биде забележана. Да останат како трајна вредност бидејќи тие се навистина значајни за нашата држава. Сакам да направам еден таков серијал кој ќе почне со маестро Џамбазов.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top