| четврток, 6 декември 2018 |

Божиновски до судиите: Давам збор дека нема да бегам, пуштете ме од притвор оти им требам на сопругата и децата

Поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски на денешната јавна седница во Апелацискиот суд побара да му биде укината мерката притвор бидејќи како што рече има семејство, татко е на две деца и има сопруга со нарушено здравје.

Обвинетиот Божиновски пред судиите посочи дека нема намера да бега, а за тоа доказ е тоа што цели 17 месеци ги почитува мерките на претпазливост определени од судот. Божиновски најостро ги отфрли сознанијата на СЈО дека наводен посредник кај претседателот Иванов договарал амнестија за него и за Миле Јанакиески. Тој го отфрли и фактот дека имал сметки во странство.

„На лица за кои имаат исти обвиненија како мене, СЈО побара поблаги мерки, а за мене се бара најстрога мерка. Најодговорно тврдам дека немам сметки во странство, а единствената сметка што ја имам е тука во Македонија и за неа знае и СЈО. Еден висок владин функвионер јавно кажа дека треба да има притвор за мене и за сите обвинети лица во постапките на СЈО“, рече Божиновски пред второстепениот суд.

Тој пред судиите посочи дека знаел за средбата помеѓу Јанакиески и претседателот Иванов, а за тоа му кажал лично Јанакиески. Но, темата на оваа средба, според Божиновски, воопшто не била аменстијата, туку, како што му кажал Јанакиески, зборувале за актуелната политичка ситуација. Божиновски пред судот го посочи фактот што Иванов во април 2016 година му дал аболиција за „Титаник“, а доколку сакал да зборува за амнестија за другите постапки лично ќе се сретнал со него, бидејќи го познавал.

Обвинетиот поранешен генерален секретар на Владата го осуди и бегството на Груевски и рече дека овој потег на поранешниот осуден премиер нанесе огромна штета, но секој одлучува за своите постапки.

Пред апелациските судии Божиновски даде збор дека нема да бега, а во моментот додека го спомнуваше и своето семејство, сопругата и двете малолетни деца, се расплака сопругата која беше присутна на јавната седница.

Неговиот адвокат Китин пред второстепениот суд рече дека Божиновски нема намера да бега и дека лице кое се подготвува за бегство не седи постојано во својот дом и не се појавува редовно на судските рочишта. Адвокатите на Божиновски побараа од судот мерката притвор да му биде укината и да му бидат вратени претходните мерки на претпазливост.

Наспроти ова обвинителката на СЈО Лиле Стефанова побара апелациските судии да ги одбијат жалбите како неосновани, а решенијата на кривичниот совет да се потврдат во целост. Обвинителката Стефанова рече дека бегството на Груевски воопшто не е индиција за побараната мерка притвор за Божиновски, туку во прашање се конкретни сознанија за планирање на бегство. Како податок кој укажувал на опасност од бегство, обвинителката на СЈО го посочи и тоа што Божиновски неодамна добил писмено известување дека е завршена истрагата за „Талир“ во која и тој е обвинет.

Апелацискиот суд има  рок од 48 часа да донесе одлука по жќалбите а мерката притвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top