| четврток, 6 декември 2018 |

Јанакиески и Божиновски во понеделник на јавна седница ќе бараат укинување на притворот

Поранешниот обвинет министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски во понеделник на јавна седница ќе ги образложат жалбите за определената мерка притвор, која бараат да им биде укината. Од Апелацискиот суд во Скопје за МКД.мк потврдуваат дека јавните седници за притворот на Јанакиески и Божиновски се закажани за во понеделник во два различни термини.

За обвинетиот поранешен началник на УБК, Сашо Мијалков, жалбата за определената мерка притвор не била стасана до второстепениот суд, велат од таму за МКД.мк.

Поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, поранешниот генерален секретар на Владата, од пред 10 дена се во притвор.
Божиновски, како поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, е обвинет во случајот „Титаник” на СЈО, а Јанакиески е обвинет во пет случаи на Специјалното обвинителство.

По бегството на Груевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека во притвор треба да бидат ставени обвинетите од случаите на СЈО.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова на минатото рочиште за случајот „Титаник” рече дека притвор за Јанакиески и Божиновски е побаран бидејќи СЈО имало информации дека и тие двајца планирале да побегнат исто како и осудениот поранешен премиер, Никола Груевски.

Специјалната обвинителка пред судот истакна дека СЈО добило сознанија дека и овие двајца обвинети планираат бегство на ист начин и дополни дека ако сознанија бидат добиени и за други обвинети лица, СЈО и за нив ќе бара притвор. За осудениот бегалец Стефанова побара од судот да му се суди во отсуство, оти, како што рече, постапката не може да биде раздвоена, бидејќи Груевски е организаторот на целата криминална група.

Во изјава за медиумите по приведувањето на Јанакиески и Божиновски, Стефанова рече дека ако има индиции и сознанија, ќе биде побаран притвор и за Сашо Мијалков, оти како што кажа во Македонија нема недопирливи.

Неколку дена по ова СЈО побара притвор и за Мијалков, а судот го прифати ваквиот предлог и на обвинетиот поранешен шеф на УБК му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Мијалков, Божиновски и Јанакиески во моментов поради опасност од бегство се наоѓаат во ќелија во Истражниот затвор во Шутка, а притвор им е определен како мерка за обезбедување на присуство во текот на судската постапка.

На ваквата мерка одбраната на обвинетите поднесе жалби до повисокиот суд кој откако ќе ги одржи закажаните седници и ќе ги чуе аргументите на адвокатите и нивните штитеници, ќе треба да донесе одлука дали постојат реални причини за бегство и дали мерката притвор е законски издржана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top