| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје идната недела ќе се украсува новогодишно, а се подготвува и забава

Винтерленд, или зимска земја, е името на новогодишната населба што првпат ќе се појави во Скопје, а ќе биде составена од украсени куќички поставени на плоштадот „Македонија“. Во населбата ќе има и вештачки снег, катчиња за игра и смеа на најмладите и секојдневна програма и уживање за возрасните. Ова ќе биде само дел од она што градот го планира за претстојните новогодишни и божиќни празници, а подготвува и други содржини во новогодишната програма. Новогодишната населба Винтерленд првпат ќе осамне на плоштадот во текот на декември. Китењето на градските улици и булевари ќе почне наредната недела. Дали ќе има новогодишен пречек на претстојната 2019 година на плоштадот, со настап на познати музички имиња, од градот сѐ уште не откриваат, бидејќи велат дека уште работат на новогодишната програма.

– Нашиот план е населбата со име Винтерленд за граѓаните да се отвори на 7 декември. Во неа ќе има куќички украсени во новогодишен амбиент и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани, кои ќе им го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. Ќе има и топ за создавање вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во селото ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини со новогодишен карактер. На средината ќе се постави голема новогодишна елка, а просторот околу елката ќе биде организиран дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Како што кажа тој, очекува во Скопје да се создаде вистинска предновогодишна атмосфера и смета дека е време скопјани да добијат европска новогодишна прослава, нешто што досега во градот не се случувало. Градоначалникот ги покани граѓаните да ја посетат новогодишната населба и со своите најблиски да уживаат во празничниот амбиент.

Комплетната програма за новогодишната прослава, која ќе почне на 15 декември, како и за прославата на новогодишната ноќ на 31 декември, градот Скопје ќе ја соопшти дополнително.

Покрај забавата, со концептот на новогодишна атмосфера ќе биде и Новогодишниот базар, кој ќе трае петнаесетина дена, а возрасните ќе имаат можност да се снабдат со сето она што може да им ја збогати и домашната новогодишна атмосфера. Ќе има штандови со топли пијалаци и храна, новогодишни украси и играчки. Ќе има забава и за возрасните, а кои ќе бидат предвидените содржини сѐ уште не се прецизира. Новогодишното вовче ќе ги вози најмладите во светот на бајките.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top