| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација

Јас одлучив да не ја исполнам желбата на СДСМ, додека тие ја разграбуваат и распродаваат државата и националните интереси да седам затворен со политичка одлука и секојдневно да се борам за преживување во затворот, за каде добив сознание дека ми се подготвува ликвидација.

Одлучив да ја продолжам борбата за македонската кауза, за каузата на Република Македонија, на начин на кој единствено можам во моментот, на начин на кој многу други личности низ историјата кога имале можност го правеле. И како што кажав во претходната објава, јас никогаш нема да се одкажам од таа кауза.

Јас не избегав од правдата,туку користејки други меѓународно правно регулирани методи продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија.

Јас до последен момент, иако гледав колку неправедно ме обвинуваат и судат, иако беше видливо дека судиите уште пред да го почнат судењето и пред да ги погледнат доказите, ја знаеја пресудата, секојдневно, како никој досега се соочував со правдата, се до моментот кога актуелната влада не одлучи неправедно и со политичка одлука да ме стави во затвор а потоа и да ме ликвидира.

Јас јавно кажав дека сум подготвен да одам во затвор доколку Заев се одкаже од погубните политики за Македонија и малтретирањето други луѓе.
Но тој очигледно сака се. Сака и да ја реализира распродажбата на националните интереси, и да го реализира разграбувањето на државата, и да ги суди и осуди стотици мои соработници и мене да ме затвори и ликвидира.
Одлучив да се борам и да се спротиставам на овој кукавица кој безочно секојдневно го лаже и краде својот народ и ја злоупотребува државната функција на која дојде на нечесен начин.

Македонија не смее да остане земја каде владата владее со судскиот систем и каде има политички прогони секој ден. Огромен број луѓе се под политички прогон во Македонија. Тоа мора да запре.

Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ, но несмее да се дозволи под превезот на оваа цел, актуелната недемократска власт да се пресметува со политичките неистомисленици и да им конструира судски случаи и затворски казни, со цел да може непречено да прави криминал, корупција и распродажба на државните и национални интереси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top