| четврток, 6 декември 2018 |

Насилно спречени претставници на СИРИЗА да положат венци во Политехничкиот факултет во Атина

Претставници на грчката владејачка партија СИРИЗА, меѓу кои и министри и пратеници, рано утрово беа вербално нападнати пред Политехничкиот факултет во Атина и спречени да положат цвеќе во рамки на тридневните манифестации за 45-годишнината од студентскиот бунт против хунтата, јави дописничката на МИА од Атина.

Според видеото објавено од грчката телевизија „Скај“, насобрана група млади лица предизвика мал инцидент во моментите кога претставниците на СИРИЗА сакаа да положат венец во Политехничкиот факултет. Се обидоа да им го одземат венецот и им го попречија влезот.

Во делегацијата на СИРИЗА беа министерот за образование Костас Гавроглу, алтернативниот министер за одбрана, Панајотис Ригас, секретарот на партијата Панос Скурлетис и пратениците Никос Тоскас, Теодорос Дрицас, Анета Кавадиа и Никос Маниос.

За тензиите пред Политехничкиот факултет, претставниците на СИРИЗА во изјава за грчката телевизија „Скај“ рекоа дека ваквите постапки не ги почитуваат генерациите што го организираа стуентскиот бунт, дека станува збор за скриен фашизам, но и за радикално малцинство.

Сѐ уште не е познато дали групата што ги спречи претставниците на СИРИЗА е група која припаѓа на некоја политичка партија, дали се припадници на вонпарламентарната левица или можеби се студенти.

Во Грција утре се одбележува 45-годишнината од студентскиот бунт против хунтата, а зградата на Политехничкиот факултет, е симбол на бунтот, бидејќи во 1973 оттаму започна борбата против воената хунта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top