Белата куќа бара начин како да се ослободи од Фетулах Ѓулен, најголемиот ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој живее во САД, во надеж дека таквиот чекор би го омекнал ставот на Турција за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, наведуваат двајца високи американски функционери, објави Ен-би-си.
Претставници на администрацијата на Трамп минатиот месец побарале од федералната агенција за спроведување закони да разгледа правни начини за да му го ускрати гостопримството на верскиот лидер Фетулах Ѓулен, со цел да го убедат турскиот претседател да го ублажи притисокот на саудиската влада по убиството на Кашоги во конзулатот во Истанбул, наведуваат блиските соработници на админситрацијата на Трамп.
Во напорите вклучено е и Министерството за правда и ФБИ, повторно да го отворат случајот за екстрадиција на Ѓулен, како и барање за информации за негов правен статус во Одделението за државна безбедност, рекле изворите.
Белата куќа посебно сакала детаљи за неговиот статус на резидент во САД, кој има зелена карта и живее во Пенсилванија од крајот на деведесетите години.
Овие наводи не сакале да ги коментираат ниту Националниот совет за безбедност, ниту ФБИ, а за коментар не бил достапен ниту адвокатот на Ѓулен.
Турските власти пак не гледаат врска меѓу овие два случаи и велат дека ќе продолжат да инсистираат на екстрадиција на Ѓулен, но дека тоа нема да ги спречи да ја доведат до крај истрагата за убиството на Кашоги.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.