| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на „Упатство за употреба на креативниот ум” од Дејв Бирс во „Литература.мк“

На 16 ноември, петок, со почеток во 19.30 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ ќе се одржи промоција на светски популарната книга „Упатство за употреба на креативниот ум” од Дејв Бирс. Книгата на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Ова е првпат некоја од книгите на големиот маркетинг гуру и креативен директор на низа светски рекламни агенции да биде преведена на друг јазик.
Бирс има работено во секоја област од адвертајзинг индустријата, создавајќи тв-реклами, радиокампањи, принтови, постери, директна пошта, потписи, продажни промоции, искуства, дигитални работи и малите реклами што ги гледате на горниот дел од рачките на бензинските пумпи. Никогаш нема одлучено дали е арт директор или копирајтер, поради што станал главен и на дизајнерите, и на копирајтерите во повеќе агенции. Има добиено многубројни награди во разни дисциплини. Бил главен креативец во многу агенции, меѓу кои и „Огилви Уан“ (OgilvyOne), „Поук“ (Poke) и „Мекен Ворлдгруп“ (McCann Worldgroup). Деновиве, со својата компанија „Адитив“ (Additive), тој им помага на разни организации да ја зголемат својата креативност. Исто така, тој го води „Уан деј код скул“ (One Day Code School), каде што предава програмски јазици.

Бирс ќе биде специјален гостин на конференецијата за дигитални комуникации „All Web“, што ќе се одржи на 16 ноември во Македонската филхармонија во Скопје. Промоцијата на „Упатство за употреба на креативниот ум” во „Литература.мк“, која ќе се одржи по завршување на „All Web 2018“, ќе биде проследена со забава со диџеј.

Наредниот ден, на 17 ноември, сабота, во книжарницата „Литература.мк“, со почеток во 19 часот ќе се одржи и промоцијата на книгата [DIGITALNI] PRE-MARKETING од Драган Варагиќ. Српскиот експерт за е-бизнис, интернет маркетинг и онлајн ПР ќе биде еден од предавачите на конференцијата „All Web“.

Пакетот [DIGITALNI] PRE-MARKETING ја содржи истоимената книга, како и два семинара. По промоцијата присутните ќе можат да ја купат книгата со двата видеосеминара. Книгата и семинарите опишуваат како во работната пракса едноставно, квалитетно, брзо и логично да се усвојат потребните системски знаења од областа на дигиталната промоција, за значително подобрување на професионалните онлајн резултати. [DIGITALNI] PRE-MARKETING ги објаснува потребните предуслови за решавање на проблемите што ве спречуваат да дојдете до значително подобри маркетинг и ПР резултати на интернет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top