| четврток, 6 декември 2018 |

Пропаѓа Академијата за филм во Охрид: Студентите најавуваат тужби за МОН и ИФФА ако не изнајдат решение (видео)

И додека Министерството за образование и понатаму молчи за проблемите на Институтот за филм во Охрид, револтот и неизвесноста на студентите од ден на ден е се поголема, објави Телевизија 24.

Тие се подготвени да го тужат МОН и Институтот, бидејќи не знаат што ќе се случува со нивните дипломи. Академската година сеуште не започнала, а голем дел од нив се и илегалци во државава поради истекување на нивните визи кои не можат да ги продолжат без документ кој ја потврдува нивната редовност на предавањата. Тие велат дека си го губат времето и трошат пари, а не знаат дали воопшто ќе земат диплома. Харш Доши од Индија е еден од револтираните студенти оставени на цедило кој проговори пред нашата камера за ситуацијата во која се наоѓа.

-Немаме професори, немаме часови. Со месеци Бараме решение,но решение нема. Јас сум дошол тука дури од Индија, престојувам овде, правам трошок, а факултетот не функционира. Во лавиринт сме сите. Еве јас требаше сега да сум апсолвент, ама трета година воопшто не започна. Многу сме фрустрирани и подготвени сме да тужиме за да ги добиеме нашите права. Ќе го тужиме МОН И ИФФА ако не изнајдат решение, вели Доши.

Харш од името на сите студенти апелира ресорното министерство што поскоро да им одговори  и да го реши проблемот за кој се известени и нивните матични амбасади.

-Известена е и амбасадата, бидејќи голем дел од нас се илегалци. Мојата виза истече на 30 октомври. Среќа што полицијата ни излезе во пресрет па ни даде уште 30 дена продолжување. Ми недостига еден докуметн за редовност, а не можам да го добијам оти тука нема никој. Очајни сме и не знаеме што ќе правиме потоа. Еве јас да се вратам во Индија но што ќе се случи со моите две завршени години!? Ова е срамно, ние дојдовме да се едуцираме ова беше престижна установа со брилијантни професори  а сега ,сега ништо,  прашува Харш Доши студент од Индија.

Во најлоша ситуација се студентите од првата генерација кои веќе ги одбраниле своите магистерски тези а не можат да добијат диплома иако ги завршиле сите обврски произлезени од нивните договори и студиски програми. За потсетување студентите немаат предавања оти професорите немаат земено плата цели 5 месеци. Станува збор за професори од странство докажани во филмската индустрија дополнува Харш.

Како што информира ТВ 24, за овој проблем побарале од МОН став уште во петокот, но до денеска немаат никаков повратен одговор.

Извор: Телевизија 24

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top