| четврток, 6 декември 2018 |

Комисијата за помирување ќе се формира в понеделник

За формирање на комисијата за помирување, за што иницијатива достави независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, ќе се разговара на следната координација, најверојатно идниот понеделник. Тоа е договорено на денешната редовна координација на претседателот на Собранието Талат Џафери со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

Ова од причини што координаторот на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Елизабета Канческа Милевска не присуствувала поради обврски поврзани со денешната посета на претседателот на австрискиот Национален совет, Волфганг Соботка.

На координацијата, иако поканет не присуствувал новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата За подобра Македонија Никола Мицевски. Со официјален допис дека тој е новиот координатор на пратеничката група кабинетот на Џафери бил известен во петокот доцна попладне.

На координација не бил утврден датум за пленарната седница за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски. Било одлучено да се почека извештајот на матичната Комисија за мандатно-имунитетни прашања, чија седница е закажана за утре. Претседателот на комисијата Павле Богоевски е задолжен да го информира спикерот Џафери за одлуката на ова собраниско тело.

На координацијата се зборувало и за други тековни активности на Собранието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top