| четврток, 6 декември 2018 |

Изложбата „Везилка“ во Музеј на град Скопје: Збирка везени кошули, марами и покуќнина

Во Музејот на град Скопје, на 2 ноември, со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Везилка-девојка спремна за мажење“. Изложбата ќе ја отвори: вд директор Фросина Зафировска, автори се: Славица Христова кустос советник етнолог, Татјана Ѓорѓиовска, кустос советник етнолог, Оливера Џартова Тачевска кустос етнолог.

Изложбата „ВЕЗИЛКА“ – ДЕВОЈКА СПРЕМНА ЗА МАЖЕЊЕ, преку богатата збирка на везени кошули, марами и покуќнина од збирката на Музејот на град Скопје, ја истакнува улогата на везот како најважен естетски сегмент на народното творештво и една од основните способности на девојката која била спремна за мажење.

Везот е еден од највредните и најкарактеристични елементи од македонската текстилната орнаментика. Тој е најмногу застапен на женската народна носија, но бил карактеристичен украс и на делови од градската облека, и на текстилната покуќнина со која се разубавувал домот. Везот бил израз на естетското изразување на жената, кој се карактеризира како најженствена текстилна дисциплина. Девојката во везот ја вложувала сета нејзина умешност, креативност, смисол за естетика и творечки дух.

Најстарите музејските предмети потекнуваат од крајот на 18 век до 60-тите години на 20 век. Тие се истакнуваат со својата уникатност и убавина, впечатлив колорит, форма и композиција преку која ги прикажуваат основните географски, национални и општествени карактеристики на селскиот и градскиот вез од етничките предели во околината на градот и градот Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top