| четврток, 6 декември 2018 |

Поопасно е да се пие вода од пластично шише, отколку да се јаде сол „зачинета“ со микропластика

Дури 90 отсто од солта што ја користиме за јадење содржи микропластика! Оваа фрапантна вест е од новата студија во која истражувачите ја испитувале морската, камената и солта добиена од езерата. Од 39 марки сол што ја тестирале истражувачите од Јужна Кореја, заедно со колегите од Гринпис од источна Азија, вкупно 36 содржеле микропластика. Колку е опасно да користиме ваква сол „зачинета“ со микропластика? пишува „Пулсинфо“.

– Микропластика е секаков хемиски вид пластика чија големина е видлива, односно е помала од 5 милиметри. Ако се има предвид технологијата на добивање сол од морска вода или вода од солени езера, присуството на микро пластика во солта е доказ за загадување на животната средина. Присуството на микропластика и други примеси (ако ги има) во камената сол потекнува од самиот процес на обработка. Сиот проблем со присуство на микропластиката во животната средина е тоа што таа има влијание и на циклусот на храна која ја консумира човекот и животните. Ефектот на микропластиката во солта (ако ја има) врз човековото здравје е занемарлив и може, генерално, да се третира како механички примеси во храната кои како такви не се подложни на разградување во организмот – вели за „Плусинфо“ д-р Богдан Богданов, професор по органска хемија на Институтот за хемија при Природно математичкиот факултет во Скопје.

Што е поопасно за здравјето – дали консумирање на ваква сол или тоа што сѐ повеќе луѓе пијат вода од пластични шишиња? Кои молекули се поштетни?

– Микропластиката и пластиката, всушност се поопасни поради тоа што испуштаат помали молекули кои се присутни во пластиката и кои во организмот се вклучуваат во метаболизмот и може да имаат штетно влијание по здравјето на консументите. Тие помали молекули (пластификатори, остаточни мономери, бои и други) се дел од технологијата на добивање на полимерни материјали. Секако, во мали честички (микропластика) има помалку вакви молекули отколку во цело пластично шише. Многу поопасно е да пиеш вода од пластично шише, отколку да внесеш мали молекули во организмот. Од пластичните пакување секогаш постои миграција на мали молекули од пластиката кон храната (водата) и постојат регулативи за минимално дозволена концентрација на вакви состојки. На Институтот за хемија при ПМФ се вршени вакви анализи. Количеството на миграција на молекули од пластиката кон водата зависи од густината (порозноста) на пластиката. Јас лично пијам вода од чешма, а кога патувам пијам вода од пластично шише кое го полнам со обична вода – вели тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top