| четврток, 6 декември 2018 |

Владата на Заев преку МИА со закани и притисок до медиумите и новинарите

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, предмалку преку социјалната мрежа Твитер порача дека премиерот Зоран Заев категорично ги демантира лажните информации на „Курир„ и „Република“ дека „Власта прави жесток притисок врз пратениците и ги уценува со сите можни средства.“

Ова предмалку беше објавено на Македонската инфрмативна агенција, која владата на Заев продолжува да ја користи како своја алатка за уцена и притисок врз медиумите и новинари неистомисленици.

Веста што им боде очи:

Пратениците стравуваат за личната и безбедноста на нивните семејства – низ собраниските ходници Заев не бира средства за уцена

Во текстот на МИА се наведува и дека Бошњаковски пишува дека „вестите се клевета и навреда и за нив се одговара пред законите“.

 

Во целиот овој хаос, кој го направи Владата на чело со Заев и Собранието на чело со Талат денеска со седницата, пратениците и, пред сѐ, со граѓаните на Република Македонија, ова силување на државата и демократијата, тие најдоа време да се закануваат на медиумите како што се „Република“ и „Курир“.

По твитот на портпаролот, пристигна и демант од премиерот Заев, кој вечерва испрати писма до одговорните лица на порталот „Курир“ (www.kurir.mk), за текстот со наслов „Власта прави жесток притисок врз пратениците и ги уценува со сите можни работи“, и до одговорните лица на порталот „Република“ (www.republika.mk) за текстот “Пратениците стравуваат за личната и безбедноста на нивните семејства – низ собраниските ходници Заев не бира средства за уцена“, со барање да биде објавен демант во кој категоричнo се негираат изнесените лажни информации.

– Врз основа на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, објавен во Службен весник на РМ, бр. 143 од 14.11.2012 година, и врз основа на Член 6 од истиот Закон кој ја утврдува одговорноста за клевета, се бара повлeкување на текстовите објавени на порталите, на 19.10.2018 во 17:21 часот, на следниот линк: https://kurir.mk/makedonija/vesti/vlasta-pravi-zestok-pritisok-vrz-pratenicite-i-gi-ucenuva-so-site-mozni-raboti/, и на текстот „Пратениците стравуваат за личната и безбедноста на нивните семејства – низ собраниските ходници Заев не бира средства за уцена“, објавен на 19.10.2018 година, во 18:19 часот, на следниот линк https://republika.mk/972019.

Во реакцијата од Кабинетот на претседателот на Владата Зоран Заев, се додава дека овие текстови се лаги и клевети кои со ниту еден аргумент не ги потврдуваат наведените тврдења, и така како што се напишани имаат единствено за цел да шират клевети, навреди и невистини за премиерот Заев.

– Текстовите во порталите се исполнети со невистини и како такви создаваат лажна слика и наведуваат на апсолутно неточни заклучоци со кои се нанесува свесна штета на угледот на претседателот на Влада на РМ, Зоран Заев. Барањето е овој демант да биде објавен во двата медиуми одделно, како и да биде објавено извинување и целосно повлекување на споменатиот текст, согласно Член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, се нагласува во реакцијата и барањето за демант на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

Премиерот Заев за исполнување на правото на демaнт, се потенцира, се повикува и на Членот 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во кој во ставот 1 од членот се вели дека „ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување на одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување“.

„Врз основа на истиот Член 14, и на неговиот став 2 ве повикувам демантот, придружен со извинување, да биде објавен веднаш, или најдоцна во рок од два дена од доставувањето на ова барање, и на истото место и во ист обем, како и медиумските содржини  што се предмет на оваа наша реакција (Став 3, Член 14)“.

– Дополнително како текстови на демантот барам да биде објавено ова мое барање во целост, без ниту една уредничка интервенција со насловите: „Категоричен демант на клеветите објавени во текстот со наслов ‘Власта прави жесток притисок врз пратениците и ги уценува со сите можни работи’“, објавен на вашиот портал“, за порталот „Курир“, и „Категоричен демант на клеветите објавени во текстот со наслов ‘Пратениците стравуваат за личната и безбедноста на нивните семејства – низ собраниските ходници Заев не бира средства за уцена’, објавен на вашиот портал“, за порталот „Република“, пишува во барањето за демант на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

Во писмената реакција до одговорните лица на порталите „Курир“ и „Република“ се истакнува дека доколку демантот не биде објавен во предвидениот рок, ќе следува Постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата, согласно Член 19, Став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пред надлежниот суд утврден со законот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top