Лидерите на Европската Унија се подготвени повторно да се состанат за да ги дефинираат условите за повлекување на Велика Британија од блокот, кога ќе биде постигнат напредок во преговорите.
Официјални лица од Унијата синоќа изјавија дека со оглед на тоа што досега не е постигнат значитечен напредок, не планираат вонреден самит за брегзитот во ноември.
Лидерите на 27 членки на Унијата, кои ќе останат во составот на блокот откако Британија ќе ја напушти Унијата во март следната година, разговараа за текот на преговорите синоќа на вечера, по обраќањето на британската премиерка, Тереза Меј.
Меј претходно пред лидерите на ЕУ ги претстави своите гледишта за напредок во преговорите за брегзит, по што го напушти Европскиот совет.
„Сите земји членки оценија дека и покрај интензивните преговори, не е постигнат доволен напредок“, вели неименуван функционер на ЕУ, кој присуствувал на разговорите, пренесе „Ројтер“.
Според неговите зборови, лидерите се подготвени да повикаат состанок на Европскиот совет, тогаш кога ќе биде постигнат значителен напредок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.