Михајло Маневски
Повикување на референдум без објавување на уставните амандмани е голема дрскост и измама на граѓаните
Зоран Заев како змијата нозете ги крие амандманите што ги прифатил за промена на Уставот на Република Македонија со капитулантскиот договор со Грција. Лажливиот кривоклетник прифатил промена на Уставот на РМ, но сега како ѓавол бега и одбива да ја објави содржината на амандманите со кои ќе се менува Уставот? Од што се плаши? Дали мисли дека и натаму може да манипулира со народот или мисли дека народот е прост и слеп и ништо не гледа и ништо не разбира? Дали мисли дека народот ќе му верува на слепо, кога многу добро знае дека овој лажливец досега што кажа излажа и поради тоа никој повеќе ништо не му верува. Многу е јасно зошто се плаши од народот и зошто бега да ги изнесе во јавност амандманите. Бега и се плаши затоа што ако ги изнесе амандманите, како заверена тапија ќе го потврди предавството на македонската држава и македонскиот народ.
Никој не може да ги повикува граѓаните да излезат и да гласаат без никакво образложение за тоа што ќе се менува во Уставот на нивната држава
Никој не може да бара од граѓаните да излезат и да гласаат на референдум за промена на Уставот на државата со уставни амандмани за кои воопште не се запознати. Тоа е груба манипулација со граѓаните и големо шарлатанство и подценување на граѓаните. На граѓанинот му се поставува референдумско прашање за прифаќање на договорот со Грција, со кој се предвидуваат Уставни измени за промена на уставното име на државата и рушење на националниот и историски идентитет, а не му се кажува што ќе се менува во Уставот и какви ќе бидат уставните амандмани!
Во членот 1 став 12 од Договорот со Грција, дури се наведува дека промената на името и термините ќе бидат вградени во Уставот на Република Македонија “наеднаш и севкупно со еден амандман”! Значи, Зоран Заев прифатил да се менува Уставот со еден амандман, а сега и тој еден замандман го крие од народот. Каква е таа дрскост и каква е таа срамота. Нашиот Устав на овој начин Зоран Заев срамно го третира како некаков безвреден документ, а не како највисок правен акт на една самостојна и суверена држава.
Што ќе се менува во Преамбулата на Уставот на Македонија?
Зошто Зоран Заев упорно молчи и не кажува што ќе се менува во преамбулата на Уставот? Преамбулата е воведен дел на секој важен правен акт, како што е Устав или меѓународен договор, во кој се изнесени целта на актот и неговите основни начела. Преамбулата е темелот на Уставот на Македонија. Со прифаќање да се изврши промена на преамбулата на Уставот, Зоран Заев прифатил да се руши темелот врз онова на кој се заснива Македонската држава. Измените на Преамбулата ќе опфатат бришење на традицијата на Крушевската Република и бришење на Илинден 1903, како и бришење на одлуките на АСНОМ од 1944 година. Тоа е бришење на темелите на ова држава. Зоран Заев брутално го третира македонскиот народ како дрво без корен, без историја и култура и без идентитет, како безлична маса.
Што ќе се менува во членот 3 од Уставот?
Со членот 3 од Уставот се гарантира дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива, а постојната граница е неповредлива. Според ставот 3 на овој член, границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот.
Што прифатил Зоран Заев да се менува во овој член? Дали прифатил да се избрише ставот 3 или прифатил овој член целосно да се модифицира, за да се задоволат апетитите на Грција за наводна заштита од иредентизам, кој го гледаат во секоја одредба од Уставот, а ги забораваат сопствените асимилаторски закони, национализмот и етничкиот геноцид извршен врз македонците во северниот дел на Грција, во Егејска Македоинија.
Што ќе се менува во членот 49 од Уставот?
Членот 49 од Уставот е променет со Аманман II на 6 јануари 1992 година, само 45 дена после донесување на Уставот, токму по барање на Грција. Дополнет е ставот 1 со тоа што е предвидено дека Република Македонија нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Сега што прифатил Зоран Заев да се изменува овој член? Очигледно е дека прифатил да се брише грижата на државата за припадниците на Македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија? Во Договорт со Бугарија го избриша македонското национално малцинство во Бугарија, а сега сака да се откаже од Македонците во Грција и од иселениците од Македонија во светот. Зоран Заев е рушител на се што е македонско, во земјата и во светот.
Лажлив манипулатор и измамник
Зоран Заев манипулира и ги измамува граѓаните. На амандманите работеле “собраниски комисии”, што е ноторна лага, и нивната содржина ќе била објавена после референдумот. Бесрамно изјавува дека сакал уште сега ако може да се презентираат амандманите, но со тоа ќе се прави непријатво влијание врз граѓаните, кои требало слободно да одлучат. Тој се грижи за некакво непријатно влијание врз граѓаните ако ги објави амандманите!. Господ да чува и да брани! Како непријатно влијание врз граѓаните кога тие треба да одлучуваат на референдумот за пронемена на Уставот и промена на Уставното име на државата? Какво непријатно изненадување, кога отворено повикува на подкуп на избирачи и врши тешки кривични дела? Какво непријатно изненадување кога граѓаните кои на 30-ти септември ќе останат дома и нема да излезат на гласање ги прави непријатели на народот? Какво непријатно изненадување кога повикува на камшик?
Колку Зоран Заев повеќе театрално вика и мафта со рацете на ситните собири во ова кампања, толку повеќе лаже. Може да вреска колку сака, но предавството и кодошлакот неможат да се скријат, тие ќе излезат на виделина и веќе излегуваат. Народот наскоро ќе ги види и предавниците и кодошите.
Народот неможе да биде излажан. Народот самиот ја определува својата судбина и судбината на својата држава и на 30-ти септември нема да дозволи да се самоуништи и да му се сруши државата со еден капитуантски договор со Грција.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.