| четврток, 6 декември 2018 |

Кампањата за референдумот ќе чини 80 милиони денари

Осумдесет милиони денари ќе чини кампањата што ќе се спроведе за претстојниот референдум. На денешната владина седница е донесена одлука со која се задолжува Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување на овие средства од тековната буџетска резерва.

Од Владата информираат дека доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија.

Одлуката за кампањата што треба да има информативен карактер, Владата ја донесе на минатата седница. Кампањата, како што информираат од Владата, ќе се базира на принципите на објективност, транспарентност и рационалност. Целта е да се информираат граѓаните за придобивките од влезот на Македонија во Европската Унија и НАТО, за конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство и да се повикаат да го остварат правото на гласање на референдумот и преземање на одговорност за носење важни одлуки.

Владата ќе информира преку соопштенија, брифинзи, изјави, прес-конференции, интервјуа и ТВ и радио гостувања, како и теренски посети, неформални средби, гостувања и учество на јавни настани. Ќе се користат и социјалните медиуми како Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Фликр и Јутуб, за што Владата ќе одвои средства во износ од 400.000 денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата, а останатите комуникациски алатки ќе се реализираат во рамки на редовните владини активности.

– Во спроведување на процесот на планирана јавна комуникација за референдумот, Владата на Република Македонија ќе работи транспарентно и отчетно, согласно стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста – релевантност, објективност, пропорционалност и рационалност, нагласуваат од Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top