| четврток, 6 декември 2018 |

Анѓушев на средба со германска делегација: Германските компании се добродојдени во Македонија

Размената меѓу Македонија и Германија годинава би можела да достигне до четири милијарди евра, беше посочено на денешната средба во Скопје меѓу вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и германска делегација од Сојузното министерство за економија и енергетика, Стопанската комора на Германија и Источниот комитет – здружение на источна Европа на германското стопанство, предводена од Хелге Толксдорф, раководител на секторот за проширување на ЕУ, Југоисточна Европа и Турција во Сојузното министерство за економија.

Вицепремиерот Анѓушев, информираат од неговиот Кабинет, истакна дека Сојузна Република Германија е најзначајниот трговски партнер на Република Македонија, голем број на германски компании работат со успех во земјава, а се бележи најголем суфицит во трговската размена, пришто извозот кон Германија е речиси тројно повисок од увозот.

– Германските компании се добродојдени во Македонија, Владата активно работи на одржување на добра комуникација со веќе постоечките компании, но и на привлекување на нови инвеститори од Германија. Економијата во земјата е стабилна, во првите шест месеци од 2018 година бележиме раст на индустриското производство од околу пет отсто, раст на извозот од над 13 отсто, а во првиот квартал е забележан и рекорден износ на странски инвестиции од 235 милиони евра. Се се тоа индикатори дека економските политики кои ги креиравме даваат резултати и дека растот на Бруто домашниот производ ќе оди во нагорна линија, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Претставникот од германското сојузно Министерство за економија, Толксдорф посочи дека голем број на компании се заинтересирани за инвестиции во Македонија и дека гледа можност за уште подобра и поинтезивна економска соработка помеѓу двете земји.

– Според индикативните податоци во првата половина од годината, доколку продолжи со ова темпо, трговската размена помеѓу двете земји би можела да достигне до четири милијарди евра. Интересот на германски компании за инвестиции во Македонија е голем, а во тоа се уверив и лично неодамна на бизнис форумот кој се организираше во Франкфурт, потенцираше Толксдорф.

На средбата стана збор и за формирање на мешовито тело помеѓу двете земји преку кое би се поттикнувала, координирала и интензивирала соработката во поглед на привлекување на нови инвестиции, но и за реализација на проекти поддржани од германската влада и германските банки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top