| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Ставот за референдумот ќе се изнесе по сеопфатана консултација со граѓаните и во партијата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повтори дека позицијата на партијата во врска со референдумот ќе ја изнесе по сеопфатана консултација со граѓаните и внатрепартиските консултации кои се одвиваат паралелно.

– Во минатото во многу наврати кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и легитимитетот на постоењето како организирана политичка гарнитура го црпи од народот и во име на тоа ние сакаме да извршиме што е можно посеопфатна и потемелна консултација со граѓаните на Република Македонија, се разбира без разлика на етничкиот состав и без разлика на вероисповеста. Истовремено, паралелно со консултацијата со граѓаните вршиме и внатрепартиски консултации со Извршниот Комитет со Централниот Комитет, потоа тука се партиските комисии и останатите тела на партијата, општинските комитети, структурата на општинските комитети па се до месните комитети, рече Мицкоски во интервју за Алсат телевизија.

Тој додаде дека тие не ги носат одлуките во потесен круг на двајца, тројца елитисти, како што вели, затворени во канцеларија помеѓу четири ѕида. Посочи дека сите опции се отворени.

– Сите опции се отворени, затоа рековме јавноста благовремено ќе биде информирана каква ќе биде позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот кој што следува. Во една прилика не така одамна на годишнината од Рамковниот договор јас кажав дека погрешен одговор е многу полошо отколку никаков одговор. Така што многу внимателно треба да се однесуваме во овие чувствителни моменти од историско значење за македонскиот народ, граѓаните на Република Македонија но и за самата Република Македонија, истакна Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top