Нека ни е вечен Илинден, и Првиот и Вториот, со златни букви напишани во преамбулата на Уставот, затоа што извираат од „Тешкото“! Одлуката на референдумот е одлука за тоа дали го заслужуваме Илинден, дали сме вредни потомци на нашите дедовци и прадедовци, баби и прабаби! – напиша професорката Билјана Ванковска на денешниот празник – Илинден. На денот на Илинденоското востание, таа на својот фејсбук профил посочи:
И еве го великиот Конески, и додека го читам се’ уште ми минуваат морници, затоа што тоа е тешката приказна на мојот народ, Тешкото кое мора да го вие секоја нова генерација, одново и односво:
„И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета –
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна – за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.
О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш – в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура –
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг –
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си – внук.
Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват – сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад –
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.
О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е – солза да потече врела,
зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст