Скопската фирма „Метрополитен Доел“ ќе ја добие лиценцата за отворање на новиот центар за дијализа во Скопје, после јавното надавање денеска во Министерството за здравство, каде оваа фирма лицитираше во конкурентнцијата на друштвото за производство, трговија и услуги „Орка холдинг“.
Јавното надавање следи по огласот на Министерството за доделување на лиценци за вршење здравствена дејност дијализа во мрежата на здравствени установи во Република Македонија кој беше распишан на крајот од мај. На огласот со свои понуди конкурирале пет фирми, а од нив комисијата за доделување на лиценците одлучила дека само „Метрополитен Доел“ и „Орка Холдинг“ ги задоволуваат условите.
На денешната лицитација фирмите надаваа за лиценци во четири реони низ Македонија, а со оглед на тоа што една фирма може да добие лиценци за најмногу два реони, половина од лиценците ги доби „Метрополитен“, а половина „Орка Холдинг“.
„Метрополитен“ даде највисока понуда за првиот реон, додека „Орка Холдинг“ за вториот и третиот. „ОркаХолдинг“ го доби правото за вршење на дијализна дејност во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Кичево, кои спаѓаат во вториот реон, како и во Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци и Охрид кои се опфатени со третиот реон. За првиот реон фирмата ќе наплаќа месечен надомест од 4.100 денари за користење на лиценцата, додека за вториот месечен надомест од 6.000 денари.
Бидејќи оваа фирма ги доби лиценците за два реони, четвртиот скопски реон со седиште во Скопје може да го добие само „Метрополитен дооел“ и тука оваа фирма ќе биде обврзана да обезбеди нов центар за дијализа во рок од 8 месеци од потпишување на договорот. Во првиот реон, пак, оваа фирма има обврска во рок од 12 месеци да отвори нов центар за дијализа во Куманово, додека во градовите Крива Паланка, Делчево, Кочани, Гевгелија, Струмица и Штип обврзана е да ги реактивира и реновира постоечките центри.
„Орка Холдинг“, од друга страна, ќе отвори нови центри во Тетово, Кичево и Битола најкасно до јануари 2015 година, како и нов дијализен центар во Охрид во рок од 12 месеци. Постоечките центри во овие градови компаниите ќе мораат да ги вратат во функција, да ги обноват, опремат со нова апаратура и да го продолжи работниот однос со постојаниот медицински кадар.
Со добиените лиценци фирмите се обврзуваат, меѓу другото, да ги заменат сите нефункционални столови за дијализа постари од 7 години, да обезбедат транспорт на пациенти за дијализа во секој реон со најмалку една станица во секоја општина, да ги заменат сите апарати за дијализа со нови модели не постари од 2008 година, како и да се обезбеди 24 часовна приправност за интервентна дијализа со цел да не се случи пациенти при влошена состојба или со акутно откажување на бубрези да мора да патуваат до клиника во Скопје.
Центрите за дијализа ќе мора да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување и услугите ќе ги даваат на товар на ФЗОМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Владата распиша тендер за цвеќиња тежок 670 илјади евра
-
Уште еден тендер во рацете на фирмата донатор на СДСМ
-
Камиловски: Власта и министерот за здравство итно да го раскинат договорот со човек фирма за скандалот од 35 милиони евра
-
Фирмата „Деклус-ауто“-донатор на СДСМ повторно доби тендер за возила



