| четврток, 6 декември 2018 |

Заев на апарати за реанимација

 Предраг Димитровски

Цел народ можете да го лажете краток период, дел од народот можете да го лажете цело време, но не можете цел народ да го лажете цело време. Е, токму ова уште еднаш му се потврди на угледниот, честитиот и достоинствен премиер на се уште Република Македонија, Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови претци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде  во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија.

Да, и тоа баш на манифестација, што требаше да значи некаква владина прослава за „епохалните„ дипломатски остварувања за поканата за членство во НАТО и за почеток на преговорите за прием во ЕУ. И, наместо тоа, премиерот Заев, ако нема храброст за оставка и одговорност, што случајно или не, сепак, ги врза за исходот од референдумот за промена на уставното име на државата, мора под итно да биде ставен на апарати за политичка реанимација!

Ако сака воопшто и да го дочека референдумот. Зашто, по саботната вечер, му се допаѓало некому или не, тој е веќе политички мртов, а дали ќе има некој од неговите најблиски соработници тоа да му го каже, е сосема друга работа. Таканаречената саботна прослава недвосмислено покажа дека премиерот Заев може да има се на своја страна и во свои раце. Почнувајќи од силата и моќта, институциите на системот, медиумскиот простор, па се до поддршката на бирократизираната меѓународна заедница…Ама не може да има чиста, достоинствена, еве ќе кажам словенска, а не античка македонска душа, што ќе ја препознае мнозинството македонски народ за да може слободно да застане зад него во решавачките, судбоносни мигови за неговиот натамошен историски опстој. И ова само по себе е катастрофа од која нема бегање. А, за тоа не е виновен никој друг, освен самиот тој. Зашто, тој избра, наместо да ги решава животните проблеми на граѓаните, целосно да се посвети на надворешната политика и да прифати се што му ставија на потпис и Бугарија и Грција. За да го покаже убавото, лично лице на Македонецот, тој му го избриша националниот идентитет, историја и култура и на сила го принудува да стане нешто сосема друго-северномакедонец! Зошто? Зашто, само како таков го сакаат во ЕУ и во НАТО! А, тој, обичниот Македонец, не е ни СДСМ, ни коалицијата „женски оркестар„, ни ВМРО-ДПМНЕ, ни било која друга политичка партија. Тој е само обичен граѓанин, кој страдал со векови, кој преживувал и турско, и српско, и бугарско, и грчко, но секогаш знаел што е негово, што е негов двор, негова куќа, негово семејство, негов добиток, негова нива, негова бавча, негови десет прсти… Зашто, од нив живеел и со нив преживувал.  Сиромашно, скромно, но секогаш чесно и, пред се, достоинствено. Со векови.

И сега не некој друг, туку лично неговиот премиер му вели, види, ние ќе си бидеме Македонци, ама само за по дома. За надвор, само според државјанството македонско, а не според етносот или народносната припадност. Тоа никако не смееме да го изустиме, а од сега, па натаму ќе си имаме нова историја, нова култура, нова традиција…Оставете тоа за што се бореле Илинденците, партизаните, комунистите… Се тоа било само обична, вековна или, ако сакате, децениска лага, невистина, фатаморгана во која верувале само блесавите и наивните, ама не и оние префриганите, платените, продадените колку големи, толку и ситни души, кои знаат секогаш да бидат на „вистинската, победничка страна„. Од генерација на генерација, од колено на колено.

Е, тоа изгледа, веќе не поминува кај оној обичниот Македонец. Македонец со големо М, Македонец кој не е ни националист, ни шовинист, ни антинатовец, ни антиевропеец, ни антидемократ, ни антисдсмовец, ни антивмровец, ни антиалбанец, ни антибугарин, ни антигрк, ни антисрбин, ни анти… Македонец, кој знае што е добро, а што е лошо, што знае што е лага, а што вистина, што знае што е криминал, а што е чесност, што знае што е во негова полза, а што не е, што знае кому да му верува, а кому не, што знае кој пат води до неговиотнатамошен опстој, што знае… Знае многу работи и за нив не треба да го информираат само владините агитпроповци. Не, денес е друго време, време на интернет и социјални мрежи, време на безброј медиумски извори, време кога за да се дојде до вистината се минува низ сито и решето.

И додека седи приклучен на апаратите за политичка реанимација, до спроведувањето на референдумот, веднаш ќе кажам дека мора да ги смени и приодот и приоритетите изнесени во неговото обраќање од Битола, што, патем речено, мораше течно да го говори, а не да го чита. Заради сигурноста во настапот пред граѓаните. Вака излезе дека не тој самиот, туку некој друг му диктира што треба да каже. Или за него и тоа е тешко!? Нејсе. Зборот ми е дека времето кога требаше секојдневно да и се обраќа на опозицијата е одамна минато. За да не се пропуштеше историската шанса, консензусот и со опозицијата и со институцијата Претседател на Република Македонија требаше секојдневно да го гради уште во текот на преговорите со Грција, а не вака, по свадба-тапани. Сега, секојдневното обраќање до опозицијата е обична дневно- политичка фарса во која ќе нема победник. Зашто, сите ќе бидат губитници. На граѓански рефередум главни можат да бидат само граѓаните, а не партиите. И затоа граѓаните ќе чекаат премиерот Заев еднаш, барем еднаш да се одважи и да им одговори и на Ципрас, и на Коѕијас, и на Захариева дали постои или не македонски народ и нација, согласно договорите што тој ги потпиша. Потоа, што мисли кога еднаш говори за поделен идентитет, а еднаш за македонски ерга омнес, кога внатре мора да се сменат имињата на сите државни институции, кои во себе ја содржат придавката македонска!? Натаму, која ќе биде македонската нова историја, наместо досегашната, која ќе биде новата македонска култура, наместо досегашната, дали ќе може и како ќе гарантира дека веќе утре за светот нема да бидеме северномакедонци…Е, кога ќе даде одговори барем на овие елементарни прашања, тогаш евентуално ќе може да смета на мнозинството граѓани, кои референдумското прашање нема да го сфатат како чиста демакедонизација и ново северномакедонизирање.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top