Петровден — православен празник што се одбележува секоја година на 12 јули. Празникот е посветен на Апостол Петар. Сe смета за еден од најголемите празници по Велигден.
Еден од најзначајните настани на Петровден е почетокот на традиционалната Галичка свадба.
За Петровден, според фолклористот Марко Kитевски, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето, дури и светецот (Св. Петар) тој ден зел срп и жнеел. Некој го држат празникот само до пладне, а попладне работат.
Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш доаѓале печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија, објаснува Kитевски.
Четири општини од македонскиот исток секоја година со богата програма ги одбележуваат општинските празници Петровден и Павловден. Kочани и Kонче го слават Петровден, а Павловден е празник на Пехчево и на Виница.
Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Kуманово. Тој ден рано наутро уште пред изгрејсонце оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така, бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место.
Според Kитевски, во гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден, носеле крсти (литии) и со песната „Kрсти носам бога молам“ се молеле за дожд.
Kитевски забележува дека Павловден жените го држеле како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работело за да не бидат каснати од пајак бидејќи се верувало дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.
На иконите двајцата апостоли се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги. Според фолклористот Мирко Kитевски, на празникот му претходи петровденскиот пост, чија должина зависи од празникот Велигден. Овој пост е еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, а започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и петровденскиот пост секогаш не трае исто.
Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној што најмногу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку, тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.
Kитевски смета дека светиот апостол Павле е особено значаен за Македонија. Тој своето прво патување надвор од Азија го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.
Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“, што е дел од Светото писмо, се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада, една ноќ имал видение: „…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ По тоа видение, веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ н` повикал таму да го проповедаме Евангелието (Дела 16-9,10).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.