Градот Охрид и Националната установа „Охридско лето“ ги завршуваат последните подготовки за претстојното 58-мо по ред издание на најголемата и најреномираната музичко-сценска манифестација во земјава – фестивалот „Охридско лето“.
Сè е подготвено за претстојните 40 дена возбуда што пред бројната фестивалска публика ќе ја донесат повеќе од 800 уметници од 27 држави од Европа и целиот свет, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации.
Според в.д. директорката на „Охридско лето“, Сузана Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како проект што ќе се реализира од следната година е изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.
– Охрид како град е сцена каде можат да се реализираат настани од фестивалската програма. Монтажното гледалиште ќе ни овозможи да имаме настани насекаде низ градот. Исто така, планираме следната година да аплицираме до Министерството за култура во рамките на програмата за инвестиции и за монтажна сцена. „Охридско лето“ е нашата најголема манифестација и заслужува да ги има сите потребни услови за врвни настани, истакна Вренцовска.
Честа да го отвори годинашното фестивалско издание и припадна на романската оперска дива Елена Мошуц, која во четврток, 12 јули, на Античкиот театар ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Николае Молдовану.
Мошуц, Братеску и Молдовану задутре ќе пристигнат на скопскиот аеродром, од каде веднаш ќе се упатат кон Охрид. Оперската дива ќе биде сместена во апартман во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид. Оперската певица немала никакви посебни побарувања околу сместувањето и исхраната.
Критиката ја вбројува Мошуц меѓу петте најдобри сопранистки на денешницата, со репутација на еден од најразновидните и експресивни сопрани на својата генерација.
Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија.
Со Полската амбасада ќе се реализира концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, Францускиот институт ќе ги донесе светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, како и концерот на сопранот Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер, кои ќе настапат преку соработката со Амбасадата на Шпанија во Скопје. На програмата се и украинската вечер со настапот на Украинскиот камерен оркестар, потоа Кинеската вечер со настапот на Кинескиот бамбус-флејта оркестар, концертот на јапонско-турското „Сора дуо“, канадскиот пијанист Еуген Скороводников…
Од концертите наменети за пошироката публика како особен се издвојува настапот на казахстанскиот камерен оркестар .Академи оф солист“.
Секако, во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Музичката младина на Македонија, посебни рецитали на домашни уметници…
Драмската програма нуди неколку театарски претстави во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија.
Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Васо Ристов на претставувањето на програмата во мај нагласи дека годинава преку понудената програма Охрид повторно ќе стане вистинска културна метропола и, како и досега, ќе привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји само заради овогодинешните ѕвезди и квалтетната програма.
– И оваа година нашите заложби се Фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови, каде ќе се врати сјајот на класичната музика…Традиционално имаме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија, рече Ристов.
Драмската програма годинава ќе понуди неколку претстави, во најголем дел од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија.
Слекторот Александар Поповски како посебно театарско доживување ја најави претставата „Илијада“ и гостувањето на Словенско народно гледалишче – Драма од Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар, со која ќе се спушти завесата на фестивалот. Тоа е можеби и најголемиот проект во драмската фестивалска програма на Античкиот театар.
Според Поповски, краткиот рок не му оставил можност да ја реализира неговата концептуална замисла за ова фестивалско издание, но за во иднина најави интензивирање на соработката на „Охридско лето“ со Дубровничките летни игри, „Дојчес театар“ од Берлин и со национални театарски куќи од Романија, Бугарија, Унгарија, како и посебна претстава што би се подготвила специјално за охридскиот фестивал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“


