| четврток, 6 декември 2018 |

Светислав Басара добитник на наградата „Прозарт“ на ПРО-ЗА Балкан

Големиот српски писател Светислав Басара е годинашен добитник на „Прозарт“ – наградата што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од Скопје ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. Авторот на „Фама за велосипедистите“, кој според многу ранг-листи на критиката се смета за еден од најдобрите српски романи на 20 век, беше едногласно избран од одборот за доделување на наградата: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.

– Прозното творештво на Басара е извонредно богато и разновидно: освен неговите култни романи, тој досега напишал книги со раскази, есеи и колумни, кои критиката одлично ги оценила. Блескавиот авторски почеток на Басара се најави уште со неговите први прозни дела – „Кинеското писмо“ и „Peking by Night“, кои веднаш го издвоија како најубедлив претставник на постмодернизмот. По овие дела, Басара речиси без прекин создаваше романи кои беа откритие и за српската и за балканската книжевност. Да наведеме само неколку – „Дневниците на Марта Коен“, „Подемот и падот на Паркинсоновата болест“, книги омилени не само меѓу критичарската рецепција, туку и кај многубројните читатели од Балканот и од Европа.

Денес, без сомнение делото на Басара е меѓу најугледните во балканскиот книжевен контекст. Неговиот луциден прозен исказ, стилското мајсторство и актуелноста на општочовечките, но и на современите теми и дилеми што ги обработува во своите книги го издвојуваат како извонредно интересен и вредносно супериорен балкански прозаист – се вели во одлуката на Одборот.

Басара ќе ја прими наградата во Даут-пашиниот амам, на затворањето на фестивалот, 29 мај, од 19.30 часот.

Светислав Басара (1953, Бајина Башта) е романсиер, раскажувач, есеист и драмски писател. Автор е на повеќе од триесет романи, збирки раскази, драми и есеи. Добитник е на многу српски и меѓународни книжевни награди. По петтооктомвриските промени во Србија беше амбасадор на СРЈ и на државната заедница на Србија и Црна Гора во Кипар. За романот „Подемот и падот на Паркинсоновата болест” 2007 ја доби НИН-овата награда. Неговите книги се преведени на десетина јазици. Живее во Белград.

На тридневниот фестивал Басара ќе биде во друштво на петмина врвни автори од Балканот. Тоа се: Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија и Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина.

Роберт Перишиќ има издадено 7 книги. Со двете збирки кратки раскази (1999, 2002) се прослави во Хрватска и во соседните земји. Неговиот роман „Нашиот човек во Ирак“ (2007) ја освои наградата „Јутарњи лист“ во Хрватска и има многу преводи. Американското издание (2013), пофалено од Џонатан Франзен, собра фантастични рецензии од „Њујоркер“, книжевниот додаток на „Тајмс“…

Фросина Пармаковска магистрирала на Институтот за македонска литература. Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“, влезе во финалето за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Преведен е на бугарски и на украински јазик. „Одбројување“ е нејзин трет роман, за кој ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година.

Ајфер Тунч е родена во Адапазари. Нејзиното прво дело е издадено додека сѐ уште студирала на Универзитетот за политички науки во Истанбул. Во 1989 година ја освоила престижната државна награда „Јунус Нади“ за кратки раскази. По работењето како главен и одговорен уредник во издавачката куќа „Јапи Креди“, помеѓу 1999 и 2004 год., се посветува само на пишувањето. Таа е добитник на наградата „Балканика“ во 2003 година.

Јуриј Худолин е роден во Љубљана, каде што работи како слободен писател, уредник, сценарист, новинар и преведувач. Од хрватски, српски и од босански јазик има преведено повеќе од 30 книги, а освен тоа е застапен во меѓународни списанија и антологии. Неговите колумни се објавени во значајни словенечки весници и списанија, а е сценарист на 14 играни и документарни филмови. Преводи на неговите книги се објавени на повеќе јазици.

Лејла Каламујиќ

Родена е во Сараево, каде што и живее. Дипломирала на Катедрата за филозофија и социологија. Таа е автор на две збирки раскази: „Анатомија на насмевката“ и „Викајте ме Естебан“. Каламујиќ е исто така и автор на современата социјална драма „Човекојатка или како го убив моето семејство“. Нејзината втора книга „Викајте ме Естебан“ ја освои наградата „Едо Будиша“ за најдобра книга со кратки раскази, а беше во потесниот круг за Европската награда за литература во 2015. Нејзините раскази се преведени на повеќе јазици.

Во рамките на фестивалот и годинава ќе се одржи програмата „Скопје фелоушип“, во која наши гости ќе бидат двајца врвни издавачи и еден литературен агент, кои ќе се сретнат со писатели од Македонија и со членови на Македонската асоцијација на издавачи.

Тркалезната маса оваа година е на тема „Балканските класици во европската литература: (не) визибилност во 21 век“. Со тоа фестивалот се приклучува кон славењето на Европската година на културното наследство.

„ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година е во организација на издавачката куќа „Икона“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top