| четврток, 6 декември 2018 |

Лионел Меси го запозна македонскиот Меси

Најдобриот фудбалер на денешницата Лионел Меси на најдобар можен начин го запозна македонскиот Лионел Меси, кој со голем успех го носи дресот на шпанскиот прволигаш Леванте. Репрезентативецот на Македонија, Енис Барди, е еден од најзаслужните за минималниот триумф од 5:4 кој тимот на Леванте го забележа во дуелот проти новиот шампион на Шпанија, екипата на Барселона.
Каталонскиот гигант го запиша првиот пораз во Примера дивизион, а нашиот интернационалец маестралната партија ја круниса со два погодока. Точно дека Барса настапи без услугите на аргентинскиот интернационалец, но никако не смееме да го оспориме големиот успех на Барди и на неговите тимски колеги.

Не може да сокријам дека навистина сум пресреќен. Отсекогаш сонував да и дадам гол на големата Барселона. Сега го живеам тој сон. Среќен сум што и Леванте покажа дека има одличен тим, група на извонредни фудбалери кои можат многу во Примера. Тимскиот дух е причина за овие победи во финишот од сезоната, се чувствува огромна самодоверба во нашите редови и затоа дојде и оваа победа против Барселона, изјави репрезентативецот на Македонија.

Само пофални зборови за играта на Барди имаат и шпанските медиуми кои потенцираат дека Македонецот има фантастичен удар.

„Неверојатно. Шут прецизен до беспрекорност. Па, Барди како да има далечински управувач во ногата. Погледнувајќи ги и погодоците од слободен удар слободно може да се каже дека неговите шутеви се теледиригирани“, пишува најтиражниот спортски весник во Шпанија “Ас”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top