На 4 мај (петок), со почеток во 18 часот, во рамките на 30. издание на Саемот на книга, на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе се одржи промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од авторот Владимир Плавевски. Книгата ќе ја промовира Мојсо Мојсовски, новинар и долгогодишен уредник на Дневникот во Македонското радио.
За жал, или за среќа, ќе рече авторот, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред седумдесет години – времето кога расказите содржани во оваа книга биле реалност.
Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри.
Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни реминисценции за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент.
Владимир Плавевски е роден во 1948 година во Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година.
Во своето долгогодишно и богато творештво, автор е на многубројни сценарија за ТВ-серии, филмови, радиодрами, драмски текстови, раскази и романи. Во 2013 година, ја добива наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.