Да се прекинат преговорите со Грција, бараат студентите кои утре во 18 часот во Битола на плоштадот Магнолија ќе се соберат да го искажат својот револт, и ги повикуваат сите граѓани кои се сложуваат со нивните ставови да ги поддржат. Обединети под иницијативата „Млади за Македонија“ нагласуваат дека Законот за употреба на јазиците е неуставен и ќе нанесе само штета на државата.
-Студентите отсекогаш биле движечката сила кон напредок на едно општество, кон одбрана на слободата, правдата и достоинството. Ние сме тие со идеите, енергијата и неизгасливата желба за промена кон подобро, за реафирмација на трајните вредности и идеали кои гарантираат просперитетна иднина за секој граѓанин на оваа држава. Како иницијатива, сметаме дека македонското општество денес се наоѓа пред еден немилосрден предизвик. И покрај обвинувањата дека шириме ирационална параноја, јас ќе напоменам дека самата деструктивна природа на политиките против кои се бориме е повеќе од очигледна за секој слободноумен граѓанин. Должноста на академците и академските граѓани е да создаваат услови за прогрес. Ние сме силата која ја гради иднината на оваа земја и затоа имаме неизбежна обврска да ја заштитиме од секаква деструктивна политика. Не постои никаква реална или објективна рационализација да служи како причина за постоење на такви преговори, а и самата продуктивност на водењето преговори околу наметнатиот спор се покажа како минорна или скоро непостоечка во последните 27 години. Сметаме дека прекинувањето на преговорите е единствениот разумен чекор кој би довел до позитивно придвижување на нашата држава, вели Филип Романски од „Млади за Македонија“.
За Законот за употреба на јазиците вели дека дефинитивно е противуставен како што беше потврдено од многубројни правници, експерти и европски претставници. Романски смета дека неговата имплементација би значела продолжување по таа надолна спирала на подгревање на национална нетрпеливост, понатамошна поларизација, занемарување на правата на помалите етнички заедници.
-Етничките малцинства во Република Македонија во голема мера имаат поголеми идентитетски и јазични права од која било друга држава во регионот и пошироко, и секако треба понатамошен напредок за усовршување на тие права, напредок кој би бил загрозен со овој „закон“, рече Романски.
Тој додава дека нивна должност како академски граѓани е да ги разобличат лагите наметнати врз македонската јавност и да формираат плодна почва за прогрес и функционална држава. Објаснува дека „Млади за Македонија“ како иницијатива е формирана од образовани, храбри и некомпромитирани луѓе, студенти кај кои го има стремежот кон просперитет и општество управувано од слободните идеали кои не го потценуваат народот и не го нарушуваат достоинството на граѓанинот.
Студентски собир за истата цел претходно имаше во Штип.
извор: фактор.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.