| четврток, 6 декември 2018 |

„Анима мунди“ ќе ги тужи поранешните политичари за масакрот во „Јасен“

За последниот масакр на диви свињи во националниот парк  „Јасен“ невладините организации за заштита на животните бараат кривична одговорност. Од Здружението „Анима Мунди“ ќе ги гонат учесниците, бидејќи, како што тврдат, сезоната за лов била завршена.

-Нашите функционери не отидоа во „Јасен“ да ја почувствуваат природата, да ги запознаат жителите на шумата ниту пак да ги заштитат жителите од уништувањето на посевите или житниците од дивите свињи. Отидоа за да се потоа фалат со тој злосторнички успех преку убивање од задоволство“, вели    Столе Велковски – „Анима Мунди“

Oд друга страна, од надлежниот инспекторат за шумарство и лов, велат дека нема ништо спорно во случајот, бидејќи стрелањето било законски оправдано.  Од таму објаснуваат дека сезоната била завршена за лов на отворено, додека во затворениот дел законски се стрела преку цела година.

-Во затворениот дел е дозволен лов, и тоа само на машки диви свињи. Во овој случај нема ништо незаконско. Наместо директно да се носат во кланица, на овој начин се наплатува страста на ловџиите – велат од Државниот инспекторат за лов во телефонска изјава за Телевизија 24.

На ист став се од Министерството за земјоделство, од каде тврдат дека во случајот нема ништо противзаконско.

Во ловџискиот тим, кој со својот плен се пофали на социјалните мрежи, се најдоа и познати бизнисмени и политичари. Откако во јавноста излезе нивната фотографија со педесетина лешови, убиени во националниот парк, дел од нив се оградија од одговорност. Нано Ружин во изјава за Телвизија 24, вели, ниту убил животно, ниту допрел оружје. Додава дека и тој бил згрозен од самиот чин.

-Ниту сум ловел нити ловев нити ќе ловам. Затоа што едноставно не сум таков човек не сум пасиониран. Едноставно луѓето уживаат во тоа, а јас тоа не можам да го сфатам тоа уживање. Во суштина се согласувам дека сликата не е коректна, стравична е и разбирливо е дека невладините бараат некои консеквенци но не знам колку од правен аспект тие се оправдани, – Нано Ружин

Здружението Анима Мунди,  досега има реагирано за прекршувања на законот за благостотојба на животните, а во неколку наврати реакции се испратени и по однос на крвиловство. Истовремено, бараат и законски измени на постоечкиот закон за лов и се надеваат дека владата ќе го разгледа нивниот предлог.

Поранешни политичари масакрирале дивеч во Јасен

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top