Вечерва во 20 часот во скопското кино „Милениум“ премиерно ќе биде прикажан новиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, американско-германската копродукција „Бикини Мун“. Следната прокеција е во 22 часот, а потоа филмот ќе биде на редовниот репертоар на „Милениум“.
Пред тоа, ќе биде прикажан петминутниот филм на Манчевски, „Крајот на времето“.
Македонија е прва земја која ќе го има „Бикини Мун“ во редовна проекција.
Манчевски за „Бикини Мун“ е една современа трагедија или, поточно, филм во филм, лажен синема верите документарец.
– Замисли си да си жена која била војник во Ирак и сега живее на улица во Њујорк како бездомник. Ќерката ѝ ја зеле, затоа што таа е ментално нестабилна. Нејзиниот поглед на стварноста е одлична порта во испитувањето на она што нѐ интересира во овој филм, а тоа е нашиот однос кон вистината и како медиумите, во случајов, документарниот филм, ја менуваат вистината за која известуваат – изјави Манчевски пред скопската премиера.
Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин, а во екипата се уште двајца Македонци, композиторот Игор Василев-Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов.
Светската премиера на „Бикини Мун“ беше на фестивалот во Сао Пауло, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. На 38. филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто ја освои специјалната награда од жирито.
По Скопје, следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), Истанбул, Менхетн, Франкфурт и во Нешвил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.