Најновиот филм на Милчо Манчевски – „Бикини Мун“ на 3 март ќе ја има американската премиера на фестивалот Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија. Филмот, што е американско-германската копродукција, ќе биде прикажан четири пати во програмата Живот, која го најавува филмот со зборовите „Царствата на умот се бескрајни и чудесни“.
Реномираниот Синеквест е избран за најдобар филмски фестивал од читателите на „УСА тудеј“ и се одржува во Силиконската Долина.
Изминатава недела, петтиот игран филм на Манчевски ја имаше европската премиера на Фантаспорто во Порто, Португалија и на белградски ФЕСТ, каде режисерот е на чело на меѓународното жири. На ФЕСТ беше прикажан и документарец за творештвото на Манчевски.
Во текот на март „Бикини Мун“ ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија.

Кондола Рашад – која беше три пати номинирана за бродвејската награда Тони („Ромео и Јулија“ со Орландо Блум, „Куќа за кукли – втор дел“ ) и која во моментов игра во серијата „Милијарди“ ја глуми Бикини Мун Дејвис. Бикини е харизматична жена војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава. Во оваа модерна бајка која се потпира врз нарушениот идеал за семејство настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.
„Бикини Мун“ е психолошки портрет кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите (вклучувајќи го и филмот) го експлоатираат поединецот. Денес секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на Фејсбук. „Бикини Мун“ како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата – изјави Манчевски.

„Бикини Мун“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло каде ја освои бразилската критика. „Брилијантен авторски филм“, „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество“, „Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“, напишаа меѓу другото бразилските критичари.
Манчевски, кој дипломираше на филмска академија во САД, ја започна професионалната кариера со филмови и спотови во Њујорк, каде и живее, освојувајќи ја и нагрaдата на Ем-Ти-Ви. После Номинацијата за Оскар и наградата Индепендент спирит, соработуваше со холивудските студија и работеше на серијата THE WIRE за Ејч-Би-О. Неговиот филм „Пред дождот“ е најнаградувано македонско уметничко дело („Златен лав“ во Венеција и уште 30 други меѓународни награди), а „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговиот последен македонски филм, „Мајки“ е снимен пред осум години, а во меѓувреме тој го сними кубанско-американски експериментален филм „Крајот на времето“ кој освои четири меѓународни фестивалски награди и „Бикини Мун“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Бикини Мун“ е импресивна медитација – одлична рецензија во „Холивуд рипортер“ за филмот на Манчевски
-
„Бикини Мун“ на Манчевски почнува турнеја низ Македонија
-
Битолчани ќе го видат најновиот филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“
-
Кој дојде на македонската премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски во „Милениум“? (фотогалерија)


