| четврток, 6 декември 2018 |

Груевска-Маџоска: Македонскиот јазик не се споменува ниту еднаш во Стратегијата на Министерството за култура за 2018-2020

Во Стратегијата на Министерството за култура за 2018-2020 македонскиот јазик не се споменува ниту еднаш, изјави професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во вестите на Канал 5 Телевизија.

Таа додава дека ги очекувале мерките што професорот Људмил Спасов како претседател на Советот за македонски јазик при Министерството за култура неколку пати на прес-конференции ги најавуваше, меѓутоа ништо од тие мерки нема.

– Ние со нетрпение очекувавме да ги видиме имплементирани во таа стратегија на Министерството за култура, но за жал откако ја прочитав, видов дека македонскиот јазик во оваа стратегија не се споменува ниту еднаш, потенцираше Маџоска.

Во врска со враќањето на лекторскиот испит таа вели дека тоа никако не може да биде мерка за афирмација на македонскиот јазик, туку е само враќање на испитот од електронско полагање на писмено и усно како претходно.

– Другите мерки што беа најавувани – ништо од тоа не можеме да видиме. Ако имале намера тоа да го направат, тоа требало да најде свое место во стратегијата. Во таа стратегија треба да биде ставено се она што ќе биде од приоритет за Министерството за култура, нагласи Маџоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top