| четврток, 6 декември 2018 |

Градинките како пчеларници, а Царовска продолжува со откази на негувателките

Ако вашето дете оди во градинка во група од 20 деца, радувајте се бидејќи тоа е вистинска реткост. Во просторија од 40 квадратни метри, повеќе од триесет дечиња на возраст од 3-4 години брмчат како пчели во кошница, а ги чуваат само две лица.

Според податоците на Државниот завод за статистика, има 4.399 вработени во јавните установи за згрижување и воспитание на деца – детски градинки. Ако има недостиг од 2.000 лица, како што тврди Министерството за труд и социјална политика, значи дека градинките се соочуваат со 45 отсто помалку вработени од потребното. Зошто тогаш дел од воспитувачките и негувателките, кои во детските градинки во Скопје беа ангажирани на определено време, неодамна останаа без работа и не им се продолжуваат договорите за работа?..

Зошто, кога во Законот за заштита на децата групите во градинките се предвидени да бидат со помалку деца за разлика од реалните состојби. Кога се во прашање хомогените групи, до 12 месеци се предвидени групи од шест до осум деца, над 12 до 18 месеци, групите треба да бројат од осум до десет деца. Над 18 месеци до две години групите треба да бројат од десет до 12 деца, а над две до три години од 12 до 15 деца. Од 15 до 18 деца треба да имаат групите од три до четири години, а од 18 до 20 групите со четири и петгодишни деца. Групите од пет до шест години треба да имаат максимум до 25 деца.

Иако градинките имаат огромен недостиг од кадар, само во Ѓорче Петров од оваа година без работа остануваат 15 негувателки и воспитувачки, кои во градинките во оваа скопска општина работеле изминатите четири години. Бројките на терен покажуваат дека земјава има недостиг не само од кадар за градинките туку и од објекти. Поголем дел од градинките во Скопје имаат проблем поради недостиг од простор и кадар за згрижување на запишаните деца.

Во повеќето од нив има и по 35 до 40 деца во група, за кои се грижат само една негувателка и една воспитувачка.
Наместо Министерството за труд и социјална политика да направи стратегија како да овозможи поквалитетен и подобар престој на дечињата од предшколска возраст, министерката Царовска мината година воведе двосменско работење во градинките, кое се покажа како крајно непотребно, а со тоа и неуспешно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top