| четврток, 6 декември 2018 |

Новите првачиња нема да учат по Кембриџ, училишниот час ќе трае 55 минути

На одморите ќе имаат слободни активности и игри, а барем еден од нив треба да биде надвор од училницата зашто хиперактивноста и агресијата кај децата се јавува поради нивната затвореност и долго седење во училиницата. На часовите по физичко покрај одделенскиот наставник ќе биде воведен и стручен наставник

Со измените во наставните планови и програми во основното образование што беа презентирани денеска, предвидено е во прво одделение да има помалку (шест) предмети затоа што Општество и Природни науки ќе се спојат во еден – Светот околу нас, а Ликовно образование и Музичко образование ќе бидат интегрирани во предмет Уметност. Покрај овие два, првачињата ќе учат и Мајчин јазик, Математика, Физичко и Здравствено образование (кое во погорните одделенија ќе биде предмет Спорт) и Англиски јазик.

Наставниот час до петто одделение ќе трае 55 минути, односно 40 минути за учење и 15 за одмор, но наставникот ќе може да процени кога ќе го даде одмнорот во рамки на тие 55 минути. На одморите ќе имаат слободни активности и игри, а барем еден од нив треба да биде надвор од училницата зашто хиперактивноста и агресијата кај децата се јавува поради нивната затвореност и долго седење во училиницата. На часовите по физичко покрај одделенскиот наставник ќе биде воведен и стручен наставник.

Учениците во прво одделение не смеат да имаат повеќе од четири часови дневно. Домашните задачи ќе се заменат со вежби на часовите, ќе се редуцира примената на тестови на знаење, а ќе се оди кон непосредна проверка и директен контакт и интеракција со секое дете. За таа цел се планира, а тоа зависи од финансиските можности, паралелките да бидат со помал број ученици. Учебникот ќе го загуби монополскиот статус во наставата, зашто ќе има повеќе извори на учење.

– Целта на промените е да се оди во длабочина, а не во широчина на знаењата и наместо меморирање и фактографија, да се види како детето размислува и заклучува, какви вештини се стекнати и какви вредности се усвоени. Важни ни се креативноста и љубопитноста. Знаењето не е примарно, туку љубовта кон учењето и притоа ќе биде полабав пристапот на наставникот кон ученикот. Основниот принцип со кој исправуваме грешка од минатото е со помалку да постигнеме повеќе, рече универзитетскиот професор Зоран Велковски кој е член во работната група.

Препораките, рече, се едноставни и очекува да бидат прифатени од наставниците. Давајќи повеќе слобода, добиваме поквалитетно образование, додаде Велковски.

По ревизијата на плановите за прво, ќе следува и ревизија на наставните планови за второ и за трето одделение. Министерката за образование и наука Рената Дескоска рече дека фокусот е ставен на првите три одделенија.

– Се тргна со посебно внимание, не само на образовната компонента во овие три одделенија, туку и воспитната компонента којашто значи битен елемент во образовниот процес. Анализите што беа направени покажаа дека учениците се една од најоптоварените категории. Ако сите ние имаме лимитирано работно време, учениците времето го поминуваат на часови, а потоа нивните обврски продолжуваат и дома. Тоа резултираше со незаинтересираност, презаситеност и одбивност кон наставниот процес. Со реформите сакаме да им дадеме знаење, но и да го вратиме интересот и желбата за учење, рече министерката Дескоска.

За ревидираните наставни планови во прво одделение ќе има дебати и јавни расправи за да се слушнат мислењата од наставниците. Примената се планира од септември или барем во неколку пилот-училишта.

Со усвојувањето и примената на новите наставни планови, повеќе нема да важи наставната Кембриџ-програмата, но адаптираните учебници од Кембриџ за прво одделение ќе може да конкурираат заедно со учебници од домашни автори ако соодветствуваат на новата наставна програма.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top