| четврток, 6 декември 2018 |

Православните христијани го слават Рождеството Христово-Божиќ

Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божиќ.

Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божиќни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.

По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божиќно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:

– Возљубени празникољупци, Денес не само што си спомнуваме за едно раѓање од пред две илјади години, туку и самите учествуваме во пресветлиот и прерадосен настан на рождеството на Синот Божји, Господ Исус Христос. Денес и ние со ангелите го објавуваме доаѓањето на Спасителот, ја следиме ѕвездата од Исток по патот кон витлеемската пештера, заедно со пастирите Го пречекуваме Новородениот Богомладенец, та со мудреците да Му принесеме дарови на ветениот Месија – Кој е Христос Господ.

Денес се роди Синот на живиот Бог , Оној Kој во почетокот беше во Бога , Кој е одблесок на Божјата слава , во Кого телесно пребива сета полнота на Божеството , и преку Кого Отецот ги создаде и вековите. Денес се потврди вистината дека Бог не ни е далечен, туку е со нас! Со нас е Бог, Кој зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето, и по вид се покажа како човек , овозможувајќи ни на сите кои веруваме во Неговото име да станеме чеда Божји . Преку Неговото рождество се потврди и светоста на секое раѓање и смислата на животот и ни се објави и објасни тајната, криена од векови во Бога , тајна која, еве, се изврши во Христа .

Возљубени во Господа, Ние луѓето сме создадени за благодатна заедница со Бога, и од искона ни е дадена можноста себеси и сето творение непрестајно да Му го принесуваме на Творецот. Но нашите прародители, поради гревот, отпаднаа од таа заедница и, заменувајќи го богољубието со самољубие, Го заборавија Бога, па човекот започна да живее само за себе. Но бидејќи без Бога нема живот, обезбожениот свет се наполни со омраза и со неизвесност и настана бесмислена борба на секој против секого. Човекот застана дури и против својот Создател! Но Троичниот Бог, Кој е љубов, не го заборави човечкиот род, туку Го даде Својот Единороден Син , и не отстапи да твори сè додека не нè воведе на небото и не ни го дарува Своето Царство.

И еве, се роди Кнезот на мирот , но не за да ни суди, туку да нè спаси од смртта и сè да измири со Себе . Миротворењето е суштина на нашата вера, oти Христовото Евангелие е благовестие на мирот . Господ Христос проповедаше и донесе мир за сите луѓе, творејќи мир преку жртвата на крстот . Затоа Климент Александриски вели дека вистинските христијани се народ на мирот , а свети Василиј Велики истакнува дека не е достоен за Христов следбеник, оној кој е без љубов кон другите и кој не е мирољубив кон сите и кон сè .
Христијанското разбирање на мирот не се исцрпува со световното гледиште, кое мирот го гледа само како отсуство на војна, туку оди подлабоко и подразбира обновување на сè во првобитната состојба. Впрочем, и Самиот Христос вели мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот . Според тоа, мирот кој го нуди Црквата е плод на обновувањето на заедницата помеѓу Бога и човечкиот род. Токму затоа светиот апостол Павле ни укажува дека преку Христа станавме едно со Бога , зашто Неговото раѓање и Неговиот Крст донесоа ново создание и ново човештво, кое е мир.

Возљубени во Христа Богомладенецот, Божествениот дар на мирот станува реалност само кога христијаните постојано живеат во верата, љубовта и надежта. Па, затоа што како христијани го живееме мирот даруван од Бога, не сме рамнодушни пред неговото отсуство од светот, туку молитвено се застапуваме по сета земја да завладее небесниот мир. Имајќи го искуството на Божјата правда, се залагаме за поголема правдина во светот, и за искоренување на сите облици на угнетување. Постојано возвестувајќи дека Бог стана човек, ја препознаваме неповторливата вредност на секоја личност и го браниме правото на сите луѓе да имаат достоинствен живот.

Придонесот на Православната Црква во поглед на владеењето на мирот и на братољубието помеѓу луѓето се состои, пред сè, во саможртвеното сведоштво на љубовта Божја и на надежта во Неговото спасително слово. Доколку постојано Го носиме Бога во нашите срца, ќе можеме да ја сведочиме вистината, и да ги браниме мирот, правдата, слободата и почитта кон човекот како икона Божја. Само така ќе успееме да ја објавуваме светоста на светот, и ќе се удостоиме како христијани да се наречеме синови Божји и достојни чеда на нашите татковци.

Во овие светли дни на соборно прославување на Христовото Рождество, непрестајно да Му благодариме на Бога Отецот, Кој покажа бескрајна љубов кон нас, па да направиме јасли во нашите срца за во нив да се всели воплотениот Богомладенец. Да ги замениме омразата и користољубивоста, одмазадата и себичноста со љубов, пожртвуваност, прошка и милост. Да се поправаме, творејќи дела на благочестие, правдољубие и родољубие, оти Божик е ден во кој ни се откри единственото ново под сонцето, и ден во кој го добивме Дарот над даровите. Токму од таа неповторлива витлеемска ноќ, па до денес, Рождеството Христово е празник на небоземната радост во која учествуваат сите богољубиви души.

Возљубени чеда на Македонската православна црква, Во годината со која се збогувавме, одбележавме пет децении од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија како Македонска православна црква. Во годината, пак, во која зачекоруваме, ќе го чествуваме и историскиот настан од пред 60 години, кога на Вториот црковно-народен собор, одржан на почетокот на октомври во 1958 година, беше обновена славната Охридска столица, а блаженоупокоениот Доситеј беше избран за поглавар на Охридската и Македонска архиепископија.

Ваквите одбележувања се прилика да се потсетиме на времето и, секако, на личностите кои придонесоа да се оттргнат неправдите кон нашата древна Охридска и Македонска Црква. Чествувањето на годишнините е можност да видиме што е постигнато и што уште треба да се направи во иднина, за да не се заборават аманетите на тие што ги донесоа богоугодните и радољубиви одлуки за возобновување на нашата света Црква.

Претстојното лето Господово нека биде исполнето со надеж дека и овде во Македонија, и меѓу иселените нашинци и насекаде по светот ќе завладеат мирот и добрата волја. А тоа најдобро ќе го постигнеме ако живееме според верата и преданието на Светата Црква, ако опстоиме во борбата за правото, достоинството и наследството на нашиот народ и Татковината, мудро чувајќи ја и вреднувајќи ја жртвата на нашите доблесни предци.

Да се поклониме пред новородениот Богомладенец – предвечниот Бог, Кој дојде меѓу нас луѓето и да се зарадуваме во Неговата неопислива слава, покажувајќи се достојни за Царството небесно. Да измолиме мир и добра волја во секого од нас, за да можеме достојно да го дочекаме и овој Божик и сите идни денови. Амин!, стои во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top