Ноќниот клуб „Шери“ во Градскиот парк во Скопје ноќеска доби забрана за работа во траење од 15 дена поради неиздавање фискални сметки и други недостатоци, како и глоба во износ од 3.250 евра, соопшти МВР, откако ноќеска во два часот била извршена координирана акција и контрола во клубот од страна на ЕБПК, УПС, УЈП, Трудова и Пазарна инспекција.
Како што соопшти полицијата, поднесени се соодветни пријави од надлежните органи за непоседување лиценца за летна дискотека, вршење работи на обезбедување без лиценца, точење алкохол на малолетни лица и други соодветни пријави.
Во ноќниот клуб „Шери“, ноќеска е вршен преглед, легитимирање и контрола на лицата што вршат работи на обезбедувањето на објектот, на лицата вработени во клубот и на присутните гости во клубот.
При тоа затекнати и легитимирани се четири лица од кои едно не поседувало никаков документ и ознаки за вршење работи на обезбедување, а две лица не поседувале документи за лична идентификација. Од присутните гости во клубот, затекнати како пијат алкохолни пијалоци легитимирани се девет малолетни лица, кои за натамошно постапување и поднесување соодветни поднесоци се предадени на инспектори по малолетничка деликвенција.
При преземањето службени дејствија на легитимирање, лицето В.М. (29) од Скопје со туркање и упатување навредливи зборови ги попречувала полициските службеници да извршат легитимирање на лице, гостин во клубот, поради што против неа ќе биде поднесена прекршочна пријава. При извршено легитимирање и преглед над лицето С.К. (46) од Скопје, пронајдена е непозната прашкаста материја завиткана во банкнота во износ од 500 денари, поради што е приведен и предаден во Полициската станица во Кисела Вода.
При извршено легитимирање и преглед над лицето Ш.М. (36) од селото Грчец, Скопје, во чантичката што ја носел со себе пронајден е пиштол марка „глог“ со рамка со 17 куршуми, за што не поседувал никаков документ и тој е приведен и предаден во станицата во Кисела Вода.
Преземени се мерки на алкотестирање, фотографирање и документирање на настанатите и преземени се други потребни мерки и активности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



