| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски на самитот на Европските партии

gruevski EPP

Висока партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, a во која се и Министерот за надворешни работи Никола Поповски и секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на РМ Владимир Ѓорчев, денес присуствува на редовниот самит на ЕПП (Европската народна партија) што се одржува во Виена, Австрија.

Во присуство на лидерите на земји-членки на Европската унија како и на претседателите на народните политички партии во Европа, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја претставува Македонија на овој Самит кој е одлична миожност за остварување на контакти и интензивна комуникација со повеќе европски лидери.

На маргините на самитот Претседателот Груевски оствари средба со Вилфред Мартенс, претседател на ЕПП, која е најмногубројна партија во Европскиот парламент. Во разговорите Премиерот Груевски упати благодарност за сестраната поддршка која Република Македонија ја добива од Европската народна партија во контекс на евроинтегративните процеси, како и поддршката за интензивирање на политичките односи и дијалогот во меѓународни рамки.

Претседателот Груевски истакна дека таквата поддршка е основа и за зајакнување на економските односи и промоција на македонските потенцијали за инвестирање на европскиот пазар. Мартенс го акцентираше активното учество и партиципација на Република Македонија на глобалните настани и процеси, како и влогот кој се дава во насока на надминување на предизвиците со кои се пресретнуваат државите од Европската унија, како што се состојбите предизвикани од европската должничка криза.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ оствари средби и со Жозеф Дол водачот на групата на Европската народна партија во Европскиот парламент со кого поразговараа за актуелните случувања во Европската унија како и утврдувањето на механизмите за засилување на соработката како на политичко така и на економско ниво за надминување на актуелните предизвици.

Во рамките на самитот претседателот Груевски оствари разговор со Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд со кого разменија мислење за актуелните политички предизвици на Европската унија, акцентирајќи ја заложбата за постојан дијалог и комуникација на државите од Европа. Премиерот Груевски ја истакна посветеноста на Република Македонија на патот на реформите и напорите кои се во насока на евоинтегративните процеси.

Беа остварени и оделни разговори со премиерот на Латвија Валдис Домбровскис и доскорешниот премиер на Република Бугарија Бојко Борисов.

ЕПП е најсилната политичка групација во Европскиот парламент. Влијанието на Европската народна партија е одлучувачко на повеќе нивоа, вклучувајќи ги раководните функции на трите најзначајни европски институции Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент во која се вклучени највлијателните шефови на држави и влади, лидери на политичките партии членки на Европската унија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top