Квалификуваната и економична работна сила е силната страна на Скопје, пишува италјанскиот весник Libero во статија посветена на Македонија со наслов „Рецептот на Македонија – даноци од 10%“. Оваа балканска земја се искачува на листите за странски инвестиции, благодарение на фискалните олеснувања и администрација која дозволува регистрирање на компанија за само 4 часа, пишува весникот.
Весникот ја споредува Македонија во однос социјалните давачки и фискалните бенефиции за компаниите кои инвестираат во и надвор од Технолошко- индустриските зони со Турција, Полска, Србија, Хрватска, Унгарија, Република Чешка, Словачка, Украина, Романија и Италија.
Во текстот стои дека Македонија или како што авторот ја нарекува Бисерот на Балканот, има направено драстични промени од осамостојувањето до денес и затоа не е случајно што при рангирањето на земјите кои се најотворени за инвестиции и земјите најголеми иноватори, Македонија е позиционирана меѓу првите позиции, а нето директните странски инвестиции бележат постојан пораст. Во 2011 година,според Националната Банка тие изнесувале 303,5 милиони евра, за разлика од претходната година кога биле 159.
-Ние пронајдовме, одлични и квалитни луѓе, со способност брзо да го надоместат недоволното искуство“, изјави неодамна за економскиот дневен весник “IlSole24Ore”, Duccio Astaldi претседател на компанијата ”Condotte”, најавувајќи инвестиција од 15 милиони евра во 10 мегаватна станица.
Покрај работната сила, тука е и рамниот данок од 10 % (еден меѓу најниските во Европа), кој сигурно привлекува огромен број на компании. Предност која што ги обединува брзината и транспарентноста наспроти бирократијата. Оттука јасно е, зошто во рангирањето на “Doing Business Report 2012 ” на Светската Банка, во класификацијата за леснотијата за водење бизнис оваа замја се има искачено на 22 – та позиција помеѓу 183 земји, во споредба со 34-та позиција од минатата година, пишува Libero.
Меѓу бројните мерки, весникот го издвојува воспоставениот едношалтерски систем кој што им овозможува на инвеститорите да регистрираат компанија за 4 часа или за помалку од еден ден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



