| четврток, 6 декември 2018 |

Дијабетичарите му пишаа на Заев, бараат да стави крај на инсулинската криза

Здружението на лица со дијабетес „Шечерче – Лолипоп“ од Велес со отворено писмо, бара од премиерот Зоран Заев лично да се ангажира да се реши кризата со недостаток на инсулин, неопходен за дијабетичарите.

Во писмото тие потсетуваат дека ситуацијата е повеќе од сериозна, бидејќи до денес речиси цел месец нема инсулин. „Скоро еден месец некои си поигруваат со судбините на над 50.000 инсулинзависни граѓани, од кои над 500 се деца. Време е Вие лично да се ангажирате и дејствувате. Пред се, кон оние кои се законски обврзани и надлежни, а и кон оние кои земале обврска преку тенедери навремено и редовно да ја остваруваат уставната обврска, во име на Република Македонија, за достава и достапност на лекување со инсулин во регуларните инсулински аптеки во количини кои треба да ги иамаме“, се вели во писмото.

Тие потсетуваат дека не е првпат да побараат да се стави крај на инсулинската криза и бараат инсулин да стасува до секој што му е потребно. Исто така се бара да се донесе системско решение со кое нема да се овозможи следна криза, која се убедени дека е наметната, а која што им ги одзема животите.

На ова барања кое за нив значи живот владата одговори дека во моментов нема инсулинска криза.

– Нашите информации говорат дека во моментов има доволно залихи и не постои инсулинска криза, вели денеска портпаролот на Владата Бошњаковски, најавувајќи дека новиот министер наскоро ќе излезе на прес-конференција и јавноста ќе има повеќе информации за сите актуелни прашања поврзани со секторот здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top