Македонија, Србија, Бугарија и Албанија се земјите на стариот континент каде што се живее најевтино, односно во овие три земји има најниско ниво на цени во споредба со европскиот просек, покажува европската статистика, преку својот извештај објавен на Евростат.
Нашата земја има ниво на цени што се за половина пониски од европскиот просек, кој го чинат 27-те земји-членки, земјите со кандидатски статус (Македонија, Црна Гора, Србија и Турција), потенцијалните идни земји-кандидати (Албанија, Босна и Херцеговина), Хрватска која за десетина дена влегува во ЕУ, како и членките на ЕФТА (Исланд, Норвешка и Швајцарија).
Само за споредба, Данска е земјата во која цените отскокнуваат за 45 отсто над европскиот просек. Иако не се членки на Европската унија, Норвешка и Швајцарија може слободно да се пофалат со приматот земји кои се скапи за живот во Унијата.
Животот во Австрија, Велика Британија, Италија и во Германија е за десетина отсто поскап за разлика од просечниот европски стандард. Земјите што веќе неколку години мака мачат со рецесија, Шпанија, Кипар и Грција, бележат цени пониски за десетина отсто.
Девизните курсеви, според Еуростат, се од суштинско значење за одредување на цените, а нивните движења имаат големо влијание врз нивото на цените на подолг рок. Според овие параметри, националните валути на Велика Британија и Норвешка се значително поценети од еврото, со што се изразува нивната ценовна стабилност, додека со најголеми флуктуации на девизниот курс се соочија Србија и Романија.
Европската агенција за статистика прави сублимирана анализа и на бруто домашниот производ (БДП) по глава жител, кој е показател за вкупната вредноста на економската активност во земјата по глава жител.
Според овој економски параметар, од земјите со кандидатски статус, Турција има највисоко ниво на БДП по глава жител во споредба со Романија и Бугарија, кои се членки на Унијата, односно околу половина од европскиот просек. Македонија, Црна Гора и Србија, имаат БДП по глава жител за 60 отсто под европскиот просек, додека тој процент кај Албанија и Босна и Херцеговина е 70 отсто под европското ниво.
Еуростат потенцира дека Луксембург има највисоко ниво на БДП по глава жител, со што лидер во оваа група од 37 земји членки. Овие показатели на оваа силна економија се препишуваат на големиот број на странци кои работат во оваа земја и придонесуваат за пораст на економската активност, но од друга страна не се вклучени во вкупниот број на населението, што прави земјата да отскокнува според овој параметар.
Австрија, Ирска, Холандија и Шведска имаат висок индекс на БДП по глава жител и тоа 30 отсто над просекот на Унијата, додека кај Данска, Германија, Белгија Финска тој просек е над 25 отсто.
За нијанса под европскиот просек за БДП по глава жител се Италија и Шпанија, додека 10 отсто пониско се најде Кипар, а потоа следат Малта, Словенија, Чешка, Словачка, Грција и Португалија со 15 отсто под просекот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



