| четврток, 6 декември 2018 |

Клопчето се одмотува: „Пуцко петрол“ без лиценца за мазут снабдувал и други државни институции

Не е само Министерството на одбрана, списокот на државни институции кои на „Пуцко петрол“ му дозволиле да ги снабдува со мазут, а немал лиценца за тоа, е подолг: Министерство за внатрешни работи, општите болници во Гостивар и Гевгелија, Државниот студентски дом во Скопје…, објави вчера порталот МКД.мк

Регулаторната комисија за енергетика соопштува дека ќе преземе соодветни чекори во врска со овие случаи.

Министерството за одбрана денеска соопшти дека ќе почне постапка за раскинување на договорот со „Пуцко петрол“ за снабдување со мазут на неколку касарни. МКД.мк го отвори овој скандал во МО, по што почна да се одмотува клопчето.

Ќе има ли одговорност: МО ќе започне постапка за раскинување на договорот со „Пуцко петрол“ за набавка на мазут (ВИДЕО)

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера ги бранеше стручните служби во Министерството и изјави дека е нејасна лиценцата на „Пуцко петрол“ издадена од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Објавивме неколку лиценци и одлуки на РКЕ во кои јасно се наведува кои компании со што можат да тргуваат – некои се со мазут, некои се без. „Пуцко петрол“ нема лиценца за трговија со мазут, го добил тендерот за набавка на мазут на МО, а сега дознаваме дека имало и други такви добиени тендери.

Од РКЕ велат дека во лиценцата издадена во 2011 година на „Пуцко петрол“ е наведено со какви резервоари располага, па требало да се знае со какви деривати може да врши трговија на големо.

„Доколку кој било заинтересиран субјект имал проблем да го разбере претходно наведеното, ние секогаш стоиме на располагање за какви било појаснувања во однос на лиценците што се издаваат од РКЕ“, велат од комисијата за МКД.мк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top