| четврток, 6 декември 2018 |

Алаѓозовски: Почна да се гради паралелена држава. Два јазици и два ансамбли

Проектот за создавање албански државен ансамбл за песни и ора ќе се реализира во наредниот период и за тоа се обезбедени пари во буџетот. Тоа е во согласност со владината програма за унапредување на културата на сите заедници и градење едно општество, изјави за МИА министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Генерално ние ја унапредуваме културата на сите заедници во Македонија и претставници од ДУИ одговарајќи на барањата на граѓаните од албанска етничка националност побараа создавање на еден професионален национален ансамбл, кој што би се занимавал со негување на албанскиот фолклор и албанските традиции. Ние поаѓајќи од тоа барање од втората најбројна заедница немавме никаков проблем да им излеземе во пресрет на тие нивни барања. Така што проектот за создавање еден таков ансамбл ќе се реализира во наредниот период и за тоа се обезбедени пари во буџетот,  вели министерот Алаѓозовски..

Тој нагласи дека тоа не значи дека ние излегуваме во пресрет само на едните, а ги запоставуваме другите етнички заедници.

– Истовремено, во нашите програми и фолклорните ансамбли на сите други етнички заедници, исто така, ќе бидат поддржани во годишните програми. Во таа смисла за нас, по логиката на нашата програма дека градиме едно општество, се разбира дека сме подготвени и имаме инструменти и политичка волја, преку програмите повторно ги задоволиме и потребите за негување на културниот идентитет на етничките заедници, рече министерот за култура.

Според него, прашањата дали ансамблот на албански песни и ора треба да биде секција во Танец или посебен ентитет е техничко прашање. Тој упатува и на примерот со Театарот на народностите, од кој подоцна произлегоа три засебни театри.

Оние што се најблиску до граѓаните, културните работници и тие најдобро знаат на кој начин ќе го дадат најдоборо од себе. Ако сметаат дека треба да бидат секција или дел од националниот ансамбл се разбира дека ќе видевме дали можеме да им излеземе во пресрет на тоа барање. Кога бараат да имаат посебен ансамбл, а бидејќи сметаме дека нема ништо проблематично во таа нивна потреба, решивме на овој начин да му пристапиме на прашањето, појаснува Алаѓозоски.

Се очекува во следниот период да се направат консултации во однос на законските односи за овој ансамбл и за неговото седиште.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top