| четврток, 6 декември 2018 |

Вработените во „Фени“ и без дрва и без плата: Синдикатот им наплатил, но не им доставил огревно дрво

Дел од вработените во „Фени“ мака мачат да најдат дрва за огрев откако Синдикатот им наплатил, но не им доставил огревно дрво. Принудени се со септемвриската плата, која им беше исплатена на крајот на минатиот месец, да преживеат, но и да најдат начин да ги стоплат домовите. Плата за октомври сè уште немаат, а не знаат ниту кој ќе им ја исплати, посебно по одлагањето на стечајот за кој требаше денес да се расправа во Основниот суд во Велес.

– Дрвата ги исплативме целосно уште пред неколку месеци, но не сме ги добиле и покрај тоа што зимата веќе почна. Бараме итен состанок со Пецо Ристовски. Сакаме да побараме финансиска полиција да го испита случајот со снабдувањето со дрва за огрев оти се сомневаме дека е направен истиот криминал што го направи и претходниот синдикален лидер Иле Хаџи Николов. Тој беше разрешен оти проневери речиси 35.000 ерва, синдикални пари. Дојдовме до сознанија дека Палитов, сегашниот синдикален лидер, уплатил пари за огревно дрво на угостителска фирма ‘Тралица’, а потоа го раскинал договорот и со оваа фирма и направил нов договор со доставувач од Прилеп. Од прилепската фирма нам ни кажуваат дека испорачале онолку дрва за колку што им било платено, велат вработените што сè уште чекаат дрва од Синдикатот.

Пецо Ристовски, претседател на Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството, вели дека не станува збор за проневера на синдикалните пари.

– Познат ми е случајот со дрвата од Синдикатот на ‘Фени’. Не се работи за проневера, туку за неисполнување на обврските. За дрвата постои уреден договор со снабдувачот од Прилеп и тој едноставно не си ја исполни обврската. Ние веќе поднесовме тужби и кривична пријава за овој случај уште пред 3-4 месеци, но сè уште немаме повратно од судовите. Тужбата е за фирмата снабдувач, а крвичната пријава за нотарот што направил пропусти во договорот, вели Ристовски.

Според него, вработените со право реагираат и си ги бараат дрвата што ги платиле и најави дека ќе ги прими на разговор за да најдат излез од состојбата.

– Јас сум сигурен дека ќе изнајдевме некое решение побргу ако не беше ваква состојбата. Стечајот и неговото одлагање дополнително ни ја отежнуваат работата, но подготвени сме, заедно со вработените, да бараме решение, рече Ристовски.

Стечајот за „Фени“ за кој денес требаше да се одлучува беше одложен оти новиот директор на фабриката, Рајчо Кацаров, побара изземање на Основниот суд во Велес со обајснување дека за тоа треба да одлучуваат судовите во Скопје бидејќи банките кредитори биле од Скопје. Ова ја враќа на почеток постапката за стечај иницирана од банките кредитори поради долг од 40 милиони евра кон нив и дополнителни 20 милиони евра кон други доверители.

Врховниот суд треба да одлучи каде ќе продолжи постапката на која ќе се разгледува можноста за отворање стечај за „Фени“.

Некои од вработените во „Фени“ минатата недела двапати излегоа на протест преку кој бараа повлекување на стечајот за фабриката. Мнозинството не го поддржаа штрајкот. Некои од оние што не беа на протестите се пожалија дека се револтирани од синдикалниот лидер кој на улица глуми херој, а кога е во фабриката, бега од нив и од обврската да им ги испорача платените дрва.

(Макфакс)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top