| четврток, 6 декември 2018 |

Светска премиера на „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски на фестивалот во Сао Пауло

„Бикини Мун“, петтиот игран филм македонскиот режисер со светска слава Милчо Манчевски ќе има светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, на 21 октомври. Ова е најголемиот фестивал во Латинска Америка и еден од најголемите во светот. Филмот ќе биде прикажен во програмата специјални презентации, објави фестивалот. Уште еден филм на Манчевски, краткиот „Крајот на времето“ ќе има бразилска премиера.

Главната улога ја толкува Кондола Рашад, позната од хит ТВ-серијата во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Во филмот играат и Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е младиот Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада.

Манчевски сними четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и Еуримаж. Македонија во овие филмови учествуваше со една петтина од целокупните буџети.

Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и „Златниот лав“ во Венеција и номинација за „Оскар“.

„Њујорк тајмс“ го вброи  „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња.

Манчевски е популарен во Бразил уште од „Пред дождот“ што освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината и во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и  Латинска Америка тие се дел од наставната програма.
Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.
Манчевски е добитник и на почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top