| четврток, 6 декември 2018 |

Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“ ќе ги промовира конзервативните вредности

Интервју со доц. д-р Никола Митровиќ - Бабе, извршен директор на Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“

Зошто одлучивте фондацијата да се вика „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“?

МИТРОВИЌ: Именувањето на фондацијата со името на Тодор Александров не е случајна. Тодор Александров е една од најмаркантните личности во македонската историја, личност кој својот живот го посветил за она што верува, скромен но секогаш исполнителен. Македонската историја изобилува со огромен број на личности и истакнати борци за македонизмот, но Тодор Александров меѓу сите нив преставува и долгогодишен лидер како член на ЦК на ВМРО.

Целта на фондацијата е да бидеме маркантни, да го посветиме нашето делување и верување кон градење на статус во општество со десничарско конзервативна ориентација. Да бидеме лидери и да укажуваме на значајноста во секој сегмент. Ако ги споредите нашите одредби со одредбите кои ги имал Тодор Александров, ќе забележите дека користев прилично исти зборови, маркантност, лидерство, посветеност. Тука лежи дел од одговорот за самото именување на Фондацијата, иако се разбира има доста и други причини, како на пример активност во дипломатијата, обука за млади лидери, и др. Нешто што може да се воочи и низ животот на Тодор Александров имајќи го предвид и неговото дипломатско искуство и можноста за лидерство.

Седиштето на фондацијата е во Ресен од причина што тоа е град кој дал многу револуционери и симболично сакаме тоа да го одбележиме. Мотото на нашата фондација е „НИЕ се грижиме!’ Се грижиме за Македонија, за секој во неа без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Србин, Босанец, Ром, Еѓипќанец… Се грижиме за развој на државата во насока на зачувување на културните специфики на народите кои живеат во неа и промоција на конзервативните вредности.

Кои се целите на Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров – Ресен“?

МИТРОВИЌ: Фондацијата има цели кои во своето делување се стремат кон промовирање на десно конзервативна ориентација. Тоа е нашиот префикс кон сите активности кои ги спроведуваме или ќе ги спроведуваме. Сметаме дека токму ваквата ориентација треба да е главниот постулат на нашето општество. Токму ваквиот пристап го пренесуваме преку сите наши активности без разлика во кој домен спаѓаат. Дали во обуки, дали во дебати во кои ќе укажуваме на значењето на десната опција и конзерватизмот, ќе се обидеме нашите размисли да ги наметнеме и образложиме на секој кој има позитивен или негативен пристап на ваквиот наш став. Сметаме дека држењето до конзервативните ставови треба да го направи нашето општество со поголема вредност и ценетост. Тоа е главната наша цел, а во доменот на нашето делување ќе бидат застапени одредени цели кои морам да потенцирам ги имаме зацртано на високо ниво. Во секој случај тука е подобрување на општествениот статус на поединецот преку помагање од секој аспект од хуманитарен, образовен и сл. Тука неминовна е добрососедската политика и стапување во контакт со нашите иселеници во странство, држење на различни семинари и трибини, комуникација со етникумите во Република Македонија, апсорбирање на нивните ставови и гледишта и уште многу други активности за кои верувајте не чека огромна и макотрпна работа.

Важен дел од нашата работа како што напоменав и во предходното прашање и промоција и на европските десно конзервативни вредности. Промоција на соработката со САД, нашите стратешки партнери, како и соработка со Европската Унија и Советот на Европа.

Што ве натера вас лично да затанете на чело на оваа Фондација, имајќи предвид дека сте историчар?

МИТРОВИЌ: Јас сум човек кој секогаш прифаќа предизвици, но не само да ги прифаќа туку самиот предизвик и да го реализира. Тој став го имам откако знам за себе и токму тој став беше иницијална каписла и за тоа да бидам извршен директор на самата фондација. Доаѓам како прв човек на фондацијата растоварен од какви било притисоци. Сепак, она од што не можам да се растоварам или да се оттргнам е работата и континуитетот во пронаоѓање на нешто ново од апект на сериозност кон нов предизвик во кој што верувам. И да, Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“ е токму таква фондација, нов предизвик со дејности или активности што сум ги спроведувал и не се ништо ново за мене, можеби сум делувал повеќе на локално ниво во градот Охри,д од каде што потекнувам, но како што кажав предизвикот истото да го правам на државно ниво е со многу повозвишено чувство на одговорност, морал и чесност.

Јас силно верувам во десничарската конзервативна идеологија, во зачувување на семејните вредности и во нашето мото „Ние се грижиме“. Сметам дека овој наш постулат треба да премине во начин на дејствување на секој свесен човек во Македонија. Да се грижи најпрво за семејството, потоа за својата најблика околина и за Македонија, се разбира.

Дали Фондацијата „Македонско културно наследство Тодор Александров – Ресен“ е поврзана со Патриотското здружение Тодор Александров или пак со некоја политичка партија?

МИТРОВИЌ: Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров“ е формирана самостојно и така делува. Ние сме апсолутно самостојни и независни од која било политичка партија или други здруженија и фондации во Република македонија.
Тодор Александров е маркантна личност и поради тоа нормално е да има и здруженија, компаниии, улици, институции, па и фондација со неговото име. Фондацијата е отворена за соработка со секого. Ќе соработуваме, но нашата примарна цел не е онаа врз која се темелат патриотските здруженија. Нашата цел е малку поголема, но не исклучува дека во иднина би оствариле соработка со секое друго здружение и организација кои делуваат со центар десна ориентација.

Што се однесува до поврзаноста со одредена политичка партија, мора јасно да нагласам дека политичкото делување или пак, обратно, политичката апстиненција на блиските соработници и членови на Фондацијата е исклучиво индивидуален чекор. Оттука јас сум сигурен дека многу членови на самата фондација утре ќе бидат дел од тој општествено-политички живот во Република Македонија, а со тоа ќе го презентираат моралот и етиката која ја совладале во самата фондација. Мора да се сфати дека Фондацијата „Тодор Александров“ се издигнува над политичкото делување и има такви стратешки цели. Не треба нејзиното делување да биде согледано исклучиво низ политичка призма, туку повеќе да се согледува како еден вид преставник на она што преставува десно ориентирана конзервативна идеологија.

Важно е да напоменеме дека фондацијата не е подржана од ниедна политичка партија иако ние како фондација што подржува десничарски вредности ќе се обидеме да стапиме во контакт со сите политички партии од македонскиот и албанскиот блок со десничарска провиниенција со цел да може да соработуваме во дел од нашите активности. Нашата програма сепак вклучува многу поширок спектар на активности. Дел од тие активности се поддршка на активности кои промовираат конзервативни вредности како силно семејство, поддршка на спортот, подршка на младите и нивното образование, подршка на целта за создавање на општество базирано на знаење, поддршка на процесите за европска интеграција, соработка со стратешките партнери како Соединетите Американски Држави, соработка со ЕУ и сл.

Вашата прва спроведена акција ќе биде донација на школски прибор во одредени училишта, Зошто се одлучивте на ваков чекор?

МИТРОВИЌ: Сметаме дека образованието е еден од најзначајните сегменти во животниот тек на едно дете. Без вистински образовен процес не можете да ги постигнете и позначајните животни цели. За жал, не секое дете може да си приушти да ги има потребните материјали за добар образовен развој. Особено недостигаат основните школски намирници. Затоа нашата фондација се одлучи на еден таков чекор, без да биде во дирекна комуникација со тие деца на кои им е потребна самата помош, за да се загарантира нивната приватност и избегнување на етикетирање и стигматизација на самите деца. Целта е да повлечеме еден чекор во соработка со раководството од училиштата и со нивна соработка подоцна тие донирани школски прибори да стигнат во вистински раце. Се разбира тоа ќе го реализираат самите училишта во интерен процес кој побаравме да биде целосно дискретен. Самите училишта се таргетирани по одредени наши сознанија за деца на кои им се потребни вакви донации, меѓутоа гледавме самите училишта да бидат со деца во кои учат и се образоваат деца со различни етникуми, со што сакавме да укажеме дека хуманоста која ние ја спроведуваме ќе биде дадена на сите подеднакво и на оние на кој што им е најпотребна.

Фондација е отворена за соработка со претставниците на сите кои живеат во Македонија, без разлика на вера, нација, пол.

Значи ли тоа дека ќе го гледаме на дело дека се грижите, како што гласи вашиот слоган „Ние се грижиме“?

МИТРОВИЌ: Се разбира, помагањето е наша основа, и затоа не случајно се одлучивме за тој слоган. Но, ќе се грижиме и за културното наследство, за зачувување на семејните вредности, за општествените процеси, за укажување на правилното наспроти она другото, за поддршка и изградба на здрава животна средина со млади кои се грижат за себе, за семејството, за вредностите и за Македонија. Сметам дека нашиот концепт е одлично осмислен и сметам дека од нашето делотворно работење ќе се добива само општествен бенефит.

Кои се идните планови на Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“ и каде ја гледате Фондацијата за една деценија?

МИТРОВИЌ: Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“ има големи планови за следниот период, се разбира прво треба еден временски континуитет на интензивна работа со која ќе станеме препознативи во јавноста, а тоа несомнено ќе ни отвори многу врати за соработка.

Планираме голем број активности за промоција на нашите ставови преку конкретни акции. Тоа би биле настани, семинари, дебати, издавачка дејност, меѓуетничка соработка и градење на мостови на соработка, меѓународна соработка и слично.

Исто така, неминовна е соработка со други слични фондации во земјава и странство кои делуваат со десничарска ориентација, како „Вилфред Мартинс“, „Конрад Аденауер“. Сепак, познавајќи се себе си, познавајќи ги блиските соработници и нашиот заеднички ентузијазам сметам дека WE CARE или НИЕ СЕ ГРИЖИМЕ преку Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“ ќе биде највпечатлив и најпрепознатлив слоган. Се разбира, ќе работиме и ќе бидеме во потесна соработка со нашите стратешки партнери како ЕУ и особено САД.


Канцелариите на Фондацијата се наоѓаат на ул. „Македонија“ бр.10/13 во Скопје, тел. 076222056, електронска пошта [email protected]

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top