
Македонскиот шампион Вардар утревечер го игра еден од најважните натпревари во својата клупска историја. „Црвено-црните“ гостуваат кај Фенербахче во рамките на реванш баражот од Лига Европа, а имаат предност од 2:0 од првиот дуел одигран во Скопје.
– Играме против силен противник и не очекува тежок натпревар. Предност од 2:0 ништо не значи и затоа мора да почнеме од нула, односно како да е резултатот 0:0 и така да се однесуваме на терен. Фенербахче ќе има и огромна помош од навивачите. Ќе недостасува капитенот Бобан Грнчаров, кој доби црвен картон на дуелот во Скопје, изјави тренерот на Вардар Чедомир Јаневски на прес-конференција пред дуелот.
Во таборот на Вардар истакнуваат дека сите се подготвени за предизвикот што ги очекува утре.
– Атмосферата во тимот е одлична. Амбиентот на стадионот ќе биде пеколен, а ние ќе се обидеме и најмалата шанса да ја искористиме да постигнеме гол, тоа многу ќе значи за нас, изјави Дејан Блажевски.
Натпреварот Фенербахче – Вардар се игра утре со почеток во 19:30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


